Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер порача дека „никој не смее да го заборави и да го негира“ масакрот на српските сили врз албанското цивилно население во косовското село Рачак, кој беше повод за интервенцијата на НАТО во Косово и Србија во 1999 година.
На денешното одбележување на 23-годишнината од масакрот, Ховениер истакна дека тогашнта акција на српската полиција претставуваше „намерен злосторнички чин кој имаше за цел да посее страв кај Албанците”.
– Никој не смее да го заборави и да го негира тоа што се случи тука или зошто САД и нашите сојузници се кренаа во одбрана на народот на Косово. Одговарајќи на овие ѕверства, САД во соработка со сојузниците од НАТО дејствуваа во одбрана на незаштитените цивили, во име на мирот, слободата и стабилноста. Овие цели ги претставуваат јасно американските и западните вредности. Ние веруваме дека сите народи, без оглед на етницитетот, заслужуваат да живеат во слобода, порача Ховениер во Рачак.
Негирањето и глорифицирањето на воените злосторства, рече тој, „го валка споменот на убиените и го спречува напредокот на регионот”.
– Свесни сме за обидите за ревидирање на мошне добро документираната историја на масакрот во Рачак и за минимизирање или погрешно толкување на фактите околу тие ѕверства… Мирот и правдата доаѓаат со признавањето на злосторствата од минатото. Ова е од пресудно значење за тоа таквите злосторства да не се случуваат. Прифаќањето на вистината е само првиот чекор на правдата, порача Ховениер.
На денешното чествување во Рачак присуствуваа голем број личности од јавниот и политичкиот живот на Косово, меѓу кои и претседателката на државата, Вјоса Османи, собранискиот спикер Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти, како и дипломати, опозициски лидери и поранешни команданти и припадници на Ослободителната војска на Косово.
На 15 јануари 1999 година во селото Рачак беа убиени 45 невооружени Албанци. Тогашниот амбасадор на ОБСЕ во Косово ден по масакрот го посети селото, а неговиот извештај, во кој настанот го оцени како злосторство против човештвото, беше повод за 78-дневната (од 24 март до 10 јуни 1999-та) интервенција на НАТО против СР Југославија и Србија, што резултира со протерување на српската војска, полиција и паравоени формации од Косово. По тоа, на 17 февруари 2008 година, уследи прогласувањето на независна Република Косово, која е признаена од над сто држави во светот. Тогашната македонска Влада ја призна независноста на Косово во октомври истата година. /МИА