СДСМ излезе со соопштение за јавност како реакција на изјавата на Данела Арсовска на денешната прес-конференција, во која истакна дека поради лошата состојба во градскиот буџет предизвикана од претходната градска власт, во моментов нема пари за новите 250 автобуси кои беа ветени во нејзината програма во предизборието.
Од СДСМ велат дека Данела Арсовска продолжува да се докажува како најслабиот градоначалник на Скопје, не ги реализира проектите што ги најави, стопира веќе започнати работи, а промовира проекти завршени од претходната локална власт на СДСМ.
Арсовска се фали со опремата во депонијата Дрисла, реализирана од претходната локална власт, а не реализира ни еден од своите најавени проекти, освен поставување тоалети и нивелирање на шахти.
Граѓаните ги чекаат новите 250 автобуси. За нив во градскиот буџет нема пари, ама има пари за партиски вработувања.
Инаку опремата за третман на медицинскиот отпад, која ја промовираше Арсовска е набавена и ставена во функција од страна на градската власт предводена од нејзиниот претходник Петре Шилегов.
За потсетување, Шилегов успеа да ја врати депонијата под управа на Градот Скопје, и да ја претвори во санитарна депонија со современа технологија за управување со отпад, откако претходниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски ја даде под концесија на италијанска компанија, која не само што не инвестираше 70 милиони евра како што беше договорено, туку и несоодветно го третираше отпадот, доведувајќи го во опасност здравјето на граѓаните, стои во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ реагираат и на работењето на градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
На прес конференција одржана пред канвеларијата на општината, претседателот на СДММ Аеродром и советник во Советот на општина Аеродром, Љупчо Недески изјави:
-Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски парите на граѓаните, наместо на проекти, ги троши на луксуз. Скоро 38.000 евра потроши Муцунски за набавка на 35 скапи компјутери. Еден компјутер чини и над 104.000 денари а Муцунски набавил пет такви компјутери.
Тоа е истиот Муцунски кој јавно се жали дека општината нема пари, дека нема да може да плати струја а во исто време троши 38.000 евра за компјутери.
Уште еден доказ за расипништвото и недомаќинското работење на Муцунски, кој во првите сто дена од мандатот постави само еден легнат полицаец. Други проекти во Аеродром не се реализираат.
И Муцунски како и Данела Арсовска знае само да се жали, да нуди изговори за неработењето, да бара пари од Владата додека општинските средства ги троши расипнички.
Општина Аеродром и нејзините граѓани не заслужуваат ваков градоначалник кој работи за лични и партиски интереси, против интересите на граѓаните, истакна Недески.












