Советот на Европа соопшти дека ги суспендира сите претставници на Русија од учеството во паневропското правно тело поради инвазијата на Москва против Украина.
Постојаните претставници на нејзините 47 земји-членки „се согласија да ја суспендираат Руската Федерација од нејзините права на претставување во Советот на Европа“, повикувајќи се на членот 8 од статутот, се наведува во соопштението.
Одлуката стапува на сила веднаш и се однесува на правото за учество на Русија во Комитетот на министри и во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
Oдлуката не се однесува и на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој е дел од Советот на Европа. Рускиот судија тука останува член на судот и жалбите поднесени против Русија ќе продолжат да се разгледуваат и одлучуваат од судот, се додава во соопштението.