• Latest
Добро утро со Орданоски

Русија научно-технолошки забрзано чекори кон земјите од третиот свет

April 4, 2022
Струмица, 17 јуни 2026 (фото извор: партиска веб страница на ВМРО-ДПМНЕ)

ВМРО-ДПМНЕ за пет минути „одговори“ колку чинела роденденската прослава

June 18, 2026

Идентитетот како алиби за блокада

June 18, 2026
Free European parliament image, public domain building CC0 photo.

Судир со реалноста во Стразбур: ЕП ги изгласа сите услови и остри критики за реформите во Скопје

June 18, 2026

„Женското е туѓа фамилија“

June 18, 2026
Фрагмент од профилната слика на Трамп на Truth Social

Newsweek: Расте бројот на Американци кои го гледаат Трамп како „опасен диктатор“

June 18, 2026

Кој ќе ја искористи фрустрацијата која ја манифестираат носителите на власта?

June 18, 2026

Лени Фрчкоска и Марта Стевковска ја добиja наградата „Гласник на невидливите“ за сторијата „Женското е туѓа фамилија“

June 17, 2026
Фон дер Лејен, Зеленски, Кошта (фото извор: Кабинет на Претседателот на Украина)

Украина цврсто на патот кон ЕУ: Во услови на брутална агресија, под постојан напад врз цивилите – првиот кластер во пристапните преговори е отворен

June 17, 2026
European Union, 2023 - Source: EP - Laia Ros

Меѓу домашните слабости и европските преседани: Што навистина значи извештајот на Европскиот парламент за Северна Македонија?

June 17, 2026
Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова (фото извор: ФБ страница на Претседателката)

ОДГОВОР БЕЗ ОДГОВОР: Кабинетот на Сиљановска-Давкова избегнува да одговори конкретно на прашања за шпионската афера, кабинетот на премиерот и понатаму молчи

June 16, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ

Русија научно-технолошки забрзано чекори кон земјите од третиот свет

Најголемата и најдолгорочна економска штета за Русија ќе биде бегањето на нејзината образована техничко-технолошка и научна елита. Сите научни соработки помеѓу Русија и голем дел од развиениот свет во моментов се во прекин, а многу руски научници  бараат начин како да ги продолжат своите стручни ангажмани во земјите со кои до скоро одлично соработуваа.

April 4, 2022 06:30
in ВОЈНА ВО УКРАИНА, ДОБРО УТРО СО ОРДАНОСКИ, ЕКОНОМИЈА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Добро утро со Орданоски

Добро утро со Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

САШО ОРДАНОСКИ

Војната во Украина и воведените меѓународни (западни) санкции против Русија предизвика ценовен и количински енергетски шок на Западот од кој се тресат светските берзи на енергенси од различен вид. Спиралните инфлаторни движења го зафатија и Европскиот и Американскиот континент со рекорди што не се забележани со децении наназад, а недостатокот од украинското жито, но и од различни видови на супстанци за пестициди во земјоделието, ги креваат цените на основните продукти на пазарите за храна кои и така беа загрижувачки дестабилизирани од двете пандемиски години зад нас.

Западните економии се најбогатите во светот, но нивната благосостојба зависи не само од цената на енергенсите, туку и од воспоставените деликатни баланси на глобалната трговија, со прецизно пресметаните заработки и загуби во синџирите за снабдување. Профитите и развојот на модерната економија се потпира врз прецизните калкулации за тоа што и кога треба да стигне на полиците за продажба, без да се прават непотребни дополнителни трошоци во транспорт, застои на границите, магацинските складирања и непродадените вишоци. Кога тие линии на снабдување, градени со децении, ќе се нарушат, не е ни лесно, ни брзо, ни евтино да се најдат алтернативи.

Не мора да сте економски експерт за да ги разберете светските економски текови. Доволно е што семејните буџети „експлодираа“ насекаде во западниот свет, а државните интервенции што се прават во стратегиските сектори како енергетиката и земјоделието не се забележани ни во најуспешните години во државите на социјализмот. Загубите на бројни стопански гиганти на Западот и оваа, а најверојатно и идната година, ќе бидат рекордни, нивните акционери ќе стават многу помалку профити (ако воопшто ги има) во џебовите од она што се вообичаено навикнати. Растот на светската економија значително ќе успори.

Но, што се случува на другата страна на „фронтот“?

РУСИЈА НЕ Е КИНА, А И КОГА БИ БИЛА…

До минатата недела, над 500 меѓународно познати компании ја напуштија Русија. Некои објавија дека тоа го прават привремено, додека не престане војната во Украина; други се повлекуваат од рускиот пазар на подолг рок, затворајќи ги синџирите за снабдување и илјадници продавници, складишта, фабрики, развојни центри, претставништва, сервиси, доставни мрежи…; трети ги стопираа или сосема ги откажаа планираните инвестиции за наредните години вредни стотици милиони долари.

Списокот на оние кои се повлекоа од Русија е многу долг (објавени во Њујорк Тајмс и Школата за менаџмент на Јејл), а имињата се протегаат од глобалните шампиони за разновидна широка потрошувачка, преку големи банки, осигурителни друштва, енергетски компании, медиумски сервиси, транспортни контејнерски гиганти, до индустриски производители и технолошки компании клучни за опстанокот на илјадници други локални бизниси. Практично, нема стопански сектор што не е директно погоден. Русија е транспортно, технолошки, комуникациски и трговски отсечена од западниот свет, на што отпаѓа добра половина од нејзината трговска размена.

Во Русија веќе е тешко, а ќе стане уште потешко (и многу поскапо, на „црниот пазар“), да си го поправите мобилниот телефон, правосмукалката, автомобилот или да купите нов миксер, телевизор или фрижидер и уште стотици други секојдневни производи без кои модерниот живот е, во нормални прилики, незамислив.

Русија не е Кина, која за секој светски производ можеби има домашна реплика. Не е баш како оригиналот, но може да врши работа. Всушност, во овој глобализиран свет, дали има само неколку земји кои би можеле, по висока цена, самите да се одржуваат на подолг рок. Русија тоа секако не е, бидејќи не произведува многу работи важни за опстанокот на нејзината секојдневна економија. Кинезите им се најголемиот трговски партнер, но само комбинацијата во трговската размена на Русија со Холандија и Германија е поголема од руско-кинеската размена. Од листата на десетте најголеми трговски и економски партнери на Русија, повеќе од половината се од Запад. Дополнително, машинеријата на која работи руската мала и голема индустрија е, доминантно, западна, а тоа секако се однесува во нејзините најважни технолошки елементи. Минатиот месец се дозна дека и еден од најважните руски погони за производство и поправка на тенкови (да, руски тенкови!) го сопре своето работење заради недостаток од западни делови во производствениот процес.

НАУЧНО-ТЕХНОЛОШКИ ЕГЗОДУС

Но, последиците од руската војна во Украина не е само во економско-индустрискиот земјотрес што, заради очајно лошо испланираната и спроведена воена инвазија, ја снајде Русија. Некои објавени проценки говорат дека досегашното материјално разорување на Украина ја чинат таа земја околу 600 милијарди долари, а тој цех само ќе расте, бидејќи на војната сѐ уште не ѝ се гледа извесниот крај. Дополнително, повлекувањето на руската војска, потисната од жестоката украинска одбрана, заличува на повлекувањето на германските окупациски сили од разни земји во Европа кога зад себе уништуваа материјални добра што можеа да бидат поштедени од разорување.

Сепак, најголемата и најдолгорочна економска штета за Русија ќе биде бегањето на нејзината образована техничко-технолошка и научна елита. Според некои проценки, само егзодусот на човечкиот капитал од руската технолошка индустрија се проценува на стотина илјади луѓе. Овие проценки се анегдотални, бидејќи вистинските бројки веројатно се движат или допрва ќе растат во годините што доаѓаат и ќе достигнат милиони образовани и, главно, млади луѓе. Безброј објавени приказни говорат за тоа дека тој бран сега е успорен поради физичката неможност на Русите (прекинот на железничките и авио-линиите) да се транспортираат на Запад, но ако само во Србија за две-три недели се отворени 200-300 руски компании, можете да замислите колкав ќе биде бројот на оние кои својата живеачка трајно ќе ја побараат по малите и големите западни метрополи. Сите научни соработки помеѓу Русија и голем дел од развиениот свет во моментов се во прекин, а многу руски научници бараат начин како да ги продолжат своите стручни ангажмани во земјите со кои до скоро одлично соработуваа.

Не заборавајте, најголемиот дел од нив одлично зборуваат англиски јазик, а идеалот за добро живеење (и во стручна и во семејна смисла), без разлика дури и на идеолошките определби, им е Западот.

ЦЕНАТА ПОЗНАТА, ВРЕДНОСТА НЕ

Нема предвидлива математика што може да ја пресмета штетата што во оваа област претседателот Путин ѝ ја нанесе на својата земја. За година-две ќе се стабилизираат и нафтените и енергетските берзи, ќе се најдат решенија и за прехранбените и за другите светски синџири на трговија, инфлациите и капиталистичките профити ќе се стават под контрола. Кога ќе заврши војната во Украина, таму ќе следува напор за голема материјална обнова во кој солидарно ќе учествува целиот западен свет, а милионите Украинци кои се сега раселени по соседните земји на Запад во најголем дел ќе се вратат во својата татковина. Украина, макар и со „отсечените“ делови од страна на руската окупација, се „забетонира“ во западните „сфери на интерес“ (ако ја следиме логиката на Путин за започнување на воената агресија врз неа).

Но, оние високообразовани Руси кои сега си заминуваат и допрва во бранови ќе се иселуваат од својата татковина (еве, да не навлегуваме овде во политичките расправи за тоа) трајно ќе се интегрираат на своите нови дестинации. Масовните егзодуси никогаш и никаде не биле среќни приказни кога се случувале (барем ние тоа добро го знаеме), но животот мора да продолжи таму каде што некој решил трајно да си замине. Историските раселенички искуства од Втората светска војна, на пример, покажуваат дека градењето на научно-технолошката супериорност на САД во многу области се темелеа врз човечкиот капитал пребеган од европскиот, на американскиот континент. Барем половина од списокот на нобеловци во изминатите 50 години веројатно би ја потврдил таа теза.

Ете, и тоа ќе биде наследството на Путин, големиот руски император, што „славно“ ќе ѝ го остави зад себе на својата Русија. Вредеше ли сето тоа за две отцепени и припоени републики во Украина?

 


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ