Словенечката Влада денеска соопшти дека 33 руски дипломати се протерани откако во украинскиот град Буча беа пронајдени тела на убиени цивили, а Киев ги обвини руските сили за масакр.
Претходно, Министерството за надворешни работи соопшти дека го повикало рускиот амбасадор Тимур Ејвазов за да ја изрази „огорченоста на Словенија поради убиството на украинските цивили во Буча и другите градови ослободени од рускиот агресор“ и да го информира дека бројот на руските дипломати во земјата ќе биде намален.
Летонија нареди затворање на два руски конзулати во таа земја и му порача на персоналот да ја напушти земјата, соопшти денеска летонското Министерство за надворешни работи.
– Одлуката е донесена во знак на солидарност со Украина во нејзината борба против неиспровоцирана и неоправдана воена агресија и војната што ја започна Русија, се вели во соопштението на Министерството.
Се додава дека конзулатите во градовите Даугавпилс и Лијепаја ќе мора да се затворат, а персоналот мора да си замине до крајот на месецот.
По Летонија, и Естонија наложи затворање на два руски конзулати, чиј персонал мора да ја напушти таа земја, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на Естонија.
Според соопштението на Министерството, персоналот на руските конзулати ќе мора да ја напушти Естонија до 30 април.