ВОЈО МАНЕВСКИ
Ако во последната колумна ја третирав операцијата на шишање на граѓаните во таковината ни, си најдов замерка што не ја спомнав поубавата половина на попишаните граѓани поточно граѓанки. Моите познавања од таа тема се на многу ниско ниво, а и ми недостасува храброст да пишувам за женската убавина. За оваа тема ќе се послужам со мислата на еден мој исписник кој вели „порано имаше и убави девојки и помалку убави, ама кога поминав одреден број на години на овој свет, сите жени ми се убави“. Затоа темата со фризирањето на женскиот свет ќе ја оставам на оние што имаат многу повеќе познавање од мене и по истенчен вкус.
Како се мери расположението на граѓаните околу некоја тема? Намерно велам дека се работи за расположение, зошто мислењето е долг процес и не може адекватно да се објасни во краткиот термин за време на анкетата. Анкетата и можеби не е толку важна, колку што се важни коментарите после неа. Посебно објавите на социјалните мрежи од партиските навивачи и консументи. Ме потсетуваат на една реченица на покојниот Витезовиќ кој велеше: „на Балканот сите се во потрага по некоја круна или престол „нека е како напрсток, ама нека е круна и троношчето може да биде престол, ако на него седи самонаречен крал“.
Анализите на анкетните податоци се за експертите кои тоа го следат а јас само малку ќе паламудам околу тоа и околу бричењето. Бричењето е ритуал после кој не е само избричена брадата туку и лицето на бричениот светнува, размрдани се сите мускули на лицето и после тоа целиот негов израз е некако поубав, ако не и по личен.
Редот до берберското столче некогаш може да се оддолжи и кандидатот мора да се послужи со некој од весниците закачени на посебен држач за „новини“ за да остане во редот. Сакал не сакал се придружува на важните општествени разговори. Исто како кога влегува во основната организација на некоја партија. Добива некое столче во последниот ред, ама веднаш го трасира патот до раководната позиција или околу неа.
Кога дојде на ред, изразува желба за бричење а берберот го седнува на столчето и рацете ги натопува со топла вода. (Некогаш тоа се правеше со посипување од чиракот со топлата вода што се загреваше на шпоретот во ќошето.) Следува операцијата масирање на лицето, небаре се испитува квалитетот на подраснатата брада и дебелината на влакното. Ако се работи за подолга брада, што од поодамна не е третирана, тогаш постапката има предигра со машинка или ножици. Мајсторот со ладна вода повторно поминува низ образите и подбрадокот за да се раздвижи крвта, како што стручно објаснува.
Исто како состаноците на партиските тела. Прво се чита дневниот ред и се масираат присутните околу партиските задачи, кои се забораваат по состанокот и се памети само обврската да се биде присутен на следниот настан за да се остане на кадровскиот список.
Е во процесот на бричење доаѓа круцијалниот момент и прашањето.
Да насапунам или на суво се бричите?
Ако е мајсторот некој од градските мајтапчии, веднаш ја сервира приказна за храбрите личности што само на суво се бричеле. Не е лесно да се одолее на споредбата посебно ако амбициите се сонувани подолго време. Многу често одговорот е „се разбира дека ќе се бричам на суво“.
Следството во дејствието е многузначно иако навидум се работи за обично бричење. Добро наострениот „брич“ мајсторот прво го води во правец на растењето на брадата. Мал е отпорот и освен мало црвенило на кожата, други последици нема. Тоа е постапката кога се бричат образите. Ако тие се пополнети и кожата е затегната сѐ оди мазно но ако се работи за истрошено и западнато лице со виснати образи тогаш прстот на мајсторот е нужен за порамнувањето. Некогаш за таа улога мора да навлезе и во усната шушлина но тоа е данокот на бричењето и разубавувањето на лицето.
Кога дојде на ред подбрадокот, мајсторот започнува некоја страшно важна тема и започнува да бричи во „контра“ на правецот на влакната. Ако наиде некоја кривина на тој пат често знае и да се раскрвави бричот и да следува стискање на забите и долго извинување на мајсторот. Некогаш и солзи потекуваат ама машките солзи се такви, од зорт потекуваат. Ако муштеријата го издржи првиот зафат тогаш следува замивање со ладна вода ,колку да се соберат малите влакненца од бричењето на суво и да се освежи пациентот. Некако во тој стадиум бричениот сваќа дека баш и не е за носење на бремето од големите личности што се бричеле на суво и почнува да се колеба.
-Мајсторе, да ми се одмори малку лицето сува ми е нешто кожата па да не излезам црвен како рак во јавноста. Се бара начин да се размисли во паузата до следниот чекор во операцијата и последиците од бричењето на суво.
Споредбата со резултатите во анкетите, кога новите лидери сфаќаат дека поддршката од под десет отсто се повеќе заличува на бричење на суво или купување на приказна која и на претходникот му е продадена кога седнувал на „берберското столче“
Во процесот на бричење настапува пресудниот момент кога бричениот тешко ја поднесува постапката и милозвучно му се обраќа на берберот
-Мајсторе, јас се уште не сум како таквите величини што се бричеле на суво ај ако може малку од пената да ме намачкаш.
Овде се прекршува патеката на одлучноста и принципиелноста на бричениот муштерија. Следува малку пена на лицето па полека бричење и на контра и во право а лицето добива изглед на просечно бричен политички активист на нашата политичка сцена. Следува лосион од типот на „покосено сено“ па масажа на напатената кожа и на крајот „помада Нивеа крема“. Со крпата следува ладење на лицето и темелно огледување во огледалото за секој случај да не се заликува на посочениот пример на бричениот на суво.
Ете така ми изгледа состојбата после анкетата за довербата во политичките партии и нивните лидери. Две третини од граѓаните немаат мислење не сакаат да го кажат или не сакаат воопшто да размислуваат на таа тема .За љубителите на светските заговори слободен е просторот за замена на ликовите што ги третирав. Пр. амбасадорите на големите сили како бербери и сл.
Сепак и тие очигледности при бричењето на суво, нема да ги спречат партиските штабови да прогласуваат победа .Можеби тие поддржувачи и не се бричат ,носат бради што само ги фризираат и обликуваат ама бричот не го подведуваат до својот врат и лице. Бричењето е за некој друг.
А работата е и во бричењето. Оној што ќе издржи да се бричи на суво и покрај малку крвавото лице и црвенилото на кожата ќе го издржи целиот процес па со лузните ќе излезе пред граѓаните да ја покаже својата принципиелност и способност да го носи товарот на сите што таа постапка достоинствено ја издржале и крстот што сам треба да го носи, може да очекува двоцифрен број на анкетите.
А како се бричени граѓаните ? Е тоа е лесно за одговор. На суво братче на суво, зошто ништо мазно не сѐ виделе досега па не е добро да се заучуваат на леснотии. После бричењето нема лосион туку домашна комова ракија, колку да помине црвенилото од бричењето НА СУВО.












