Руската армија денеска соопшти дека презела целосна контрола над поголемиот дел од уништеното пристаниште во Мариупол.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков наведе дека украинските сили во градот се „блокирани и не можат да избегаат“.
Ниту еден официјален украински извор не ги потврди наводи за заземање на пристаништето во Мариупол.
Градот Мариупол со недели е под опсада, а жителите се без вода, храна и струја. Американскиот институт за воени студии (ISW) објави дека руските сили „најверојатно“ ќе го окупираат градот следната недела.
Градоначалникот на опколениот украински приморски град Мариупол, Вадим Бојченко, рано утринава изјави дека градот се уште се бори и дека ќе остане украински.
Бојченко ги нарече лажни руските вести за освојувањето на градското пристаниште и предавањето на повеќе од илјада украински борци, пренесе ДПА.
-Овој град на брегот на Азовско Море сè уште го бранат припадниците на полкот Азов и морнарицата, рече Бојченко, кој е надвор од градот.
Мариупол со недели е под опсада на руските сили. Поголемиот дел од градот е уништен, а условите за живот на преостанатите граѓани се катастрофални.