НИКИЦА КОРУБИН
За оние кои ги следеа тројните избори во Србија, интересен е, но не и неочекуван постизборниот расплет кај нив. Изборите и генерално случувањата во Србија, со интерес ги следи цел регион, а и многу пошироко; поради единствениот потенцијален извор на било каква дестабилизација во овој регион, самата Србија. Но, не и Северна Македонија. Тука не може да видиме ниту една, релевантна, а и било каква друга анализа, која директно ја вклучува Србија, односно тамошната политичка сцена, како потенцијален предмет на криза во регионот. Кај нас единственото споменување на Србија е во контекст на проектот “Отворен Балкан”, за кој медиумски, но и политички има чуден, но апсолутен молк за неговите аспекти и потреба, ние да бидеме дел од прилично тесно избрано друштво.
Од една страна власта (македонскиот) дел, изнасилено го фаворизира; а од друга страна опозицијата (ВМРО) кои имаат став за сè, за ова се особено тивки; а особено е тивка албанската политичка сцена во комплет, и позиција и опозиција. Со други зборови, „љубовта“ кон Србија и особено кон „режимската власт“ е обединета. Од сите страни и сите провиниенции, лево, десно, центар, отворено или заробено општество, нема разлика. Во србоманската или србофилската страст, кому како повеќе одговара, на целокупната наша политичка сцена. Ако оваа „зависност“ не е причина за загриженост на сите граѓани, тогаш веројатно голема причина за загриженост за нашиот обединет политички корпус, ќе биде потенцијалниот развој во постизборна Србија.
Имено, ако ја исклучиме веројатноста за изборни нерегуларности од голем размер, суспендирањето на институционалноста (самосуспендирањето на тамошниот ДИК/РИК); молкот на опозицијата, т.н. проевропска, е индикација за можни промени во политичкиот курс на Србија, од отворено руски, а прикриено европски, во отворено европски, а прикриено руски.
Уште за време на предизборната кампања многу јасна беше позицијата, на сите без исклучок, да немаат јасен став за војната во Украина. Освен неколку електронски и печатени медиуми, овој термин, воопшто и не се употребува во медиумскиот простор во Србија, а за политичката сцена, не станува ниту збор. И додека партиите од десниот блок (или крајната десница), кои веќе имаат респектабилен број на пратеници, јасно го прифатија рускиот став како единствено валиден; интересно и индикативно за војната во Украина јасен став или било каков став целосно отсуствуваше кај „проевропската“ опозиција. Тој нивен страв, калкулантство и популизам или дури можеби и јасни десничарски сентимент скриен во леви/центар флоскули; го исфрли актуелниот претседател Вучиќ како единствена политичка фигура кој има (по потреба) флексибилен став и за војната во Украина, но и за прашањето за независноста на Косово. Дали тука се крие тајната во толерирањето и постојаните отстапки на ЕУ и САД кон Србија? Дали всушност и немаат друг партнер кој е спремен за неминовни компромиси? Во однос на прашањето за независноста на Косово, делови од српската опозиција има дури и порадикални ставови од власта.
Токму затоа, иако беше шок за граѓанската јавност на Србија, која секако беше скептична кон способноста на опозицијата воопшто да се спротивстави на режимската и авторитарна власт; средбата на Вучиќ и Ѓилас, постизборно, не е изненадување, туку логичен след, на влез на „чисто“ (про)руски партии во парламентот. Дали е тоа средба за проевропска Србија? И како таа, потенцијално, проевропска Србија ќе се одрази на нашата политичка сцена и случувања, која очигледно многу зависи од тековите во Србија. Со други зборови, како сега „ќе избегаме“ од ЕУ, односно како ќе продолжиме да глумиме дека сме за ЕУ, а всушност се одушевуваме, кој јавно, кој тајно, на Отворен Балкан, на вакцини и пченица, тажиме и жалиме заедно „за бомбардирањето на НАТО“ – ние – НАТО земјата; и суптилно и културно (преку културата) влегуваме во „српскиот свет“, кој деновиве преку неговата матица „руски свет“ гледаме од каде цело време доаѓал, во оваа форма. Не дека нема своја автентична патека во целиот 20-ти век.
Тешки денови следуваат за нашата политичка „елита“, особено онаа проевропската. Многу ќе зависи, како и секогаш, од Србија. Кој пат таа ќе го фати и дали ќе и ја отежни или олесни позицијата на Северна Македонија, како таа ќе го одбрани својот „идентитет“ од „лошата“ Бугарија. Да видиме кои вредности утре ќе бидат на сцена, какво салто мортале ќе треба да се прави, дали ќе мора конечно да се осамостоиме, па замислете, конечно и сами за себе да носиме одлуки, без поуки, примери и репери? Дали конечно ќе бидеме свои на свое? Или е прерано да се радуваме? Судејќи според колективниот став на Србија за своето блиско минато и особено (не)свесноста за својата константно агресивна улога; нема место за оптимизам. За нас се разбира. Ќе мора повторно на потешкиот начин, но барем ќе го видиме размерот на србофилската или србоманската зависност на политичката, медиумската, академската, економската, историската и каква сè не фела. Да почнеме можеби, да утврдуваме по обратен редослед, кој не е, а не кој е свртен кон северот?