СЕРГИЈ СИДОРЕНКО
Фактот дека руската армија врши воени злосторства во Украина не предизвикува сомнежи уште од 24-ти февруари. Гранатирањето на станбени делови во Харкив со системи на рафален оган и убиствата на цивилите започнаа уште од првиот ден на руската инвазија.
Понатаму, набројувањето само продолжува. Опсада на Мариупол, тепих-бомбардирање на станбени населби (постојано, непрекинато бомбардирање за да се предизвика што поголема штета), вклучително и со насоченото бомбардирање на болница и породилиште, потврдено лично од Сергеј Лавров, го кренаа нивото на руски воени злосторства до невидени димензии до сега и докажаа дека се одобрени од руското раководство.
Веќе тогаш, од украинските политичари и функционери пристигна оценката дека овде станува збор за геноцид. Впрочем, Украинците и пред тоа добро знаеја дека целта на Путин е да ја уништи Украина и да ја уништи украинската нација како таква. „Да се реши украинското прашање“, како што пишуваше руската пропаганда, во обидот да го оправда нападот врз Украина.
Но правниците се воздржуваа од такво оценување.
Бидејќи една работа е да се искажат политички обвинувања на адреса на агресорот, а друга е тие да се докажуваат на суд. Последното тогаш изгледаше нереално.
Дури и во своето поднесување до Судот на ОН според конвенцијата за геноцид и на рочиштата во Хаг одржани во март, Украина не се обидува да докаже дека Русија веќе го врши ова злосторство. Правниците признаваат дека недостигаат докази за тоа. Затоа, во тужбата станува збор за можното планирање такво злосторство од страна на Путин, а тоа се тврди без некоја сигурност.
Сето тоа се промени после случувањата во Буча и другите окупирани градови и села, северно од Кијив.
Неколку дена подоцна, сложувалката се комплетира. Се појавија докази за геноцид и, што е уште поважно, индиректно, но апсолутно доволно, признавање на овој криминал од страна на самата Руска Федерација.
Сега, прашање е само колку брзо ќе биде изнесена казната, како и тоа – кое тело ќе го води кривичниот процес за осудување на претставниците на Руската Федерација поврзани со најкрвавата војна во Европа по 1945 година.
Неочигледни работи околу тежината на геноцидот
Во тоа време, кога за просечниот човек вооружената агресија самата по себе е криминал, Меѓународното хуманитарно право (МХП) не предвидува казна за војната како таква. Наместо тоа, постојат Женевски и Хашки конвенции кои дефинираат „правила и обичаи за водење војна“, кои ниту една држава не смее да ги прекршува.
За повеќе од еден месец од окупирањето на Буча руската армија ги извршила скоро сите груби воени злосторства според МХП. Со посебна суровост. Киднапирање луѓе и лишување од слобода, вонсудски егзекуции, силувања (групни и пред очи на роднините), тортури, свесни напади врз цивили, врз лекари, врз складишта, уништување станбени објекти, употреба на цивили како заложници за прикривање…
Сите злосторства заслужуваат на казна. Но, дури ни тие, самите по себе, не се доволен законски доказ за геноцид и казна за него на меѓународно ниво. А таков доказ е многу важен.
Со докажување на тоа дека Русија барала токму уништување на Украинците, ќе се гарантира нејзино осудување во светот во децениите што доаѓаат.
Засекогаш ќе остане безусловната осуда на фашистичката Германија, раководството на Руанда за времето на геноцидот, или Србија за времето на Милошевиќ, чијшто симбол стана зборот „Сребреница“ (иако имало многу други воени злосторства за време на балканската војна).
Понекогаш на луѓето во Украина им се чини дека на нивна страна е целиот свет кој не може да има поинаков став од оној на поддршка за Украинците кои се жртви на бруталната руска агресија. Но тоа не е така. Украинците ја оценуваат реакцијата на светот според ставот на европските држави – и тука навистина постои едногласност. Но Унгарија, која единствена во ЕУ се обидува да го избели угледот на Путин, барајќи ги доказите за очигледното – беше цел на осуда дури и од најблиските партнери.
Но светот не е само Европа.
Тука се Кина и Индија (вкупно – повеќе од една третина на населението на планетата!), во споредба со кои Орбан изгледа проукраински. Тука се и некои држави од Азија, Африка и Латинска Америка, на кои не им е јасно зошто светот толку се концентрира на Украина, а не на други воени конфликти (кои, на за жал ги има многу во светот).
Признавањето на дејствијата на Русија дека се геноцид, за многу од нив може да стане пресвртница. Јавното „пријателство“ со власта чија вмешаност во геноцидот е докажана, може прескапо да ги чини.
Полошо од Сирија и Авганистан
Дали е реално да се докаже дека Русите вршеле геноцид врз Украинците? Краток одговор е: Да.
Дури и повеќе, тоа што го прават претставниците на Русија, одговара на терминот „геноцид“ со апсолутна точност. Како од учебник.
Меѓународното право одредува поим геноцид како „дејствија со умисла, потполно или делумно уништување на национална, етничка, расна или верска група“. Не е задолжително да се работи токму за убиство. И поинакви дејствија што водат кон истребување на претставници на одредена националност, етнос итн. потпаѓаат под оваа формулација опишана во Конвенцијата за превенција на злосторство геноцид и казна за него од 1948 година.
На прв поглед, дефиницијата е многу широка, бидејќи го содржи зборот „делумно“.
Што означува делумно истребување на Украинците или претставници на друга националност? Пукање врз автобус со луѓе, бомбардирање на станбена зграда – и тоа, исто така, се чини е „делумно истребување“ на граѓаните на една земја. Бројот на загинати генерално не е клучен. За време на советската окупација на Авганистан, според најконзервативните проценки, загинале над половина милиони цивили, но според сите ознаки, војната не била геноцид. Бидејќи клучен збор во дефиницијата за геноцид е зборот „умисла“.
Поточно, мора да биде не само масовно и намерно убиство на цивили, туку убиство, чијашто умисла е истребување на нација, етничка припадност итн. А не, да речеме, бесцелно бомбардирање граѓанска инфраструктура и други воени злосторства. И, како и во друг вид кривичен прогон, имено, тужителите се должни да докажуваат постоење на таква умисла.
Поради тоа, примери на докажан геноцид во историјата не се толку бројни. На пример, никој не се обидел да ја докаже „геноцидната“ природа на воените злосторства на Руската Федерација во Сирија, каде што руската авијација под команда на генералот Мизинцев (истиот којшто моментално раководи со бомбардирањето на Мариупол) го бомбардирала Алепо, каде што бројот на жртви на војната се бројат во стотици илјади и каде што Русите насочено бомбардирале болници и станбени делови на градот.
Но во Русија сега толку јасно чекорат по патот на Хитлеровата Германија, што одлучиле самите да си го документираат планираниот најтежок криминал против безбедноста на човештвото.
Главните докази за геноцидот врз Украинците
Прво да го истакнеме наједноставното.
Во дефиницијата на геноцид не напразно се наведува истребување претставници или „етнос“, или „националност“, преку запирка. Конвенцијата признава дека геноцидот може да биде не само според етничка ознака, но и условно кажано, според пасош. Токму тоа се случи во Буча, Мариупол и на други места: Русија врши геноцид на сите украински граѓани, не само на етнички Украинци.
Русија се потруди на местата на нејзините напади да се најдат претежно украинските граѓани. Вклучително и тоа што подолг период предизвикуваше тензии и чувство на опасност, сѐ додека од Украина не беа евакуирани практично сите странци.
Уште еден незадолжителен, но важен елемент на доказите е тоа што во окупираните делови на Украина (особено, во регионот на Киев) Русите имале во рацете „листа за стрелање“ со адреси и презимиња на луѓе кои во случај на откривање, ги убивале. Односно постоел „дел од национална група“, за којшто убиството било планирано однапред.
Но овој детаљ има секундарна вредност. Тој само ќе го олесни докажувањето на злосторството на Руската Федерација, доколку таквата листа биде пронајдена и потврдена. Вообичаено, геноцид се случува без претходно дефинирање на листа на жртвите.
Најважното е тоа дека Руската Федерација имала намера за уништување на дел од Украинската нација. Докажувањето на ова е клучен услов за успех на судскиот предмет за геноцидот.
Путин уште во 2008 година, во комуникација со странските лидери на Самитот на НАТО, за прв пат изјави дека не ја смета Украина за држава и не ѝ остава право на постоење. Подоцна, навестувањата за оваа теза биле присутни и во други настапи на рускиот диктатор, а беа слушнати и од други руски највисоки функционери, од Сурков до Медведев. Пред инвазијата во 2022 година, таа се врати во јавната реторика.
Вреди да се нагласи: желбата да се уништи една држава не е доказ за геноцид.
Тоа можеби е контрадикторно на јавната перцепција на ова злосторство. И во украинските медиуми понекогаш се слушаат изјави: со оглед на тоа дека уништување на култура, ликвидација на држава, забрана за комуницирање на украински јазик итн. го уништуваат украинскиот народ, овие дејствија претставуваат геноцид. Но меѓународното право не се согласува со тоа. Конвенцијата за спречување на злосторство геноцид и казна за него наведува исклучиво физичко оштетување на луѓе и нивно физичко уништување, како и забрана за раѓање и насилно одземање на деца. Последното, за среќа, не се однесува на овој случај, но некои силувања во Украина имаат геноцидна природа, на што ќе се навратиме подоцна.
И да повториме, сите овие злосторства спаѓаат под дефиниција за геноцид само доколку се докаже дека тие биле спроведени со свесна умисла за уништување на дел на украинската нација.
Свесно или не, но Путин во неговата криминална реторика не избегнувал фрази и изјави што самите по себе би овозможиле докажување на геноцид планиран од неговата страна.
Иако, доказите кои недостигаат, ги дава руската пропаганда.
Како дополнителни докази во судот дефинитивно ќе одат и одлуките на руските власти што илустрираат димензии на планиран, но, за среќа, во поголема мера нереализиран геноцид. На крајот од минатата година многумина ги вознемири информацијата дека во Русија официјално се одобрени државни стандарди за опремување на масовни гробници на загинати, со детални правила на уредување на „братски гробници“ за 1.000 луѓе, прописи за тоа итн. Тогаш беше нејасно што значи тоа и како генерално е возможно да се донесат такви „државни стандарди“ во XXI век.
Сега сложувалката се комплетира. И тоа сигурно ќе биде употребено на судот во процесот против Русија.
Ако на Буча и Бородјанка не може да се гледа без болка, тогаш последиците од окупацијата на целата Украина планирана од Москва, тешко можат и да се замислат.
Не само медиумите, туку и соучесниците во злосторството
Понекогаш, геноцид и желба за истиот се појавува дури без инструкции одозгора. Не како државна политика на Русија, туку во форма на лични нечовечки желби на посебни војници.
Во Украина тоа, исто така, се случи, и тоа е неопходно да се признае без да се префрлуваат сите злосторства врз Путин и неговиот тим. Не, вината е многу поширока.
Неискажливо грозоморен пример за тоа се геноцидните силувања регистрирани во Буча, пријавени од омбудсман Људмила Денисова. Во подрумот на овој град Русите држеле 25 девојки кои системски ги силувале, со образложение дека имаат за цел да предизвикаат кај нив одбивност кон сексуални односи до тој степен за тие никогаш да не посакаат да имаат украински деца.
Тоа потполно одговара на дефиницијата за геноцид. Дури и ако овој хорор не беше овластен од Москва.
„(Во минатото) геноцидни силувања биле извршувани за време на геноцидот врз Ерменци, Бенгалци, Тутси и други. Нивното постоење укажува на енормно ниво на омраза на злосторниците кон жртвите. Тие се овозможуваат кога за секој конкретен злосторник уништување на одредени групи не е исполнување на наредба, туку лична работа. Геноцидни силувања се едни од најсуровите манифестации на геноцид и безусловно се најодвратни“ – објаснува адвокатот Олексиј Плотников.
Како и да е, сето тоа стана возможно благодарение на напорите на машинеријата за пропагандата и генерирањето на омраза. Таа, за разлика од Путин, јавно повикува на геноцид. Тоа ќе стане главен доказ во судот.
Пресврт настана после случувањата во Буча, вклучувајќи ја публикација „Што Русија мора да направи со Украина“ на сајтот на државната Агенција РИА Новости.
Во текстот се признава дека една од задачите на „специјалната операција“, како што Русија ја нарекува војната против Украина, постои „ликвидација на непомирливи нацисти“, и додава дека станува збор и за цивилно население, бидејќи „значаен дел од народните маси се пасивни нацисти.“ Посебно се забележува дека, според Русија, „нацизмот“ во Украина постои во форма на „желба за независност и европски (западен, проамерикански) начин на развој“.
Токму таа „ликвидација на нацистите“ светот ја увиде во Буча. Но осознавањето дека тоа бил дел од планираната операција за истребување на Украинците под изговорот на „борба против нацисти“, сега постои, но не насекаде во светот. Тврдењето на украинските власти за геноцид кај многумина во далечните држави на други континенти се доживуваат како политички изјави.
Затоа е толку важно да се докаже ова злосторство на правен начин, во меѓународните институции.
И тоа е апсолутно возможно да се направи на ниво на обвинување на цела земја (Русија е потписник на конвенцијата за геноцид, така што меѓународниот суд на ОН може да го разгледа овој случај без нејзина согласност) и во кривичен процес на одредени изведувачи, организатори и поттикнувачи (на пример, во рамки на меѓународен трибунал, за чиешто формирање сега активно се дискутира).
Патем, улогата на руската пропаганда сигурно ќе биде проценета во овој процес. Искуството од слични трибунали покажува дека претставниците на пропагандата медиумска машинерија кои ширеле дезинформации во општествата, предизвикувале во него поддршка на омразата и убиствата, се наоѓаат на обвинителните клупи.
Така било на Нирнбершкиот процес каде еден од обвинетите (и осудени) бил главен уредник на пропагандниот весник Der Stürmer (Напаѓач), Јулиус Штрајхер. Но најточната аналогија е трибуналот за геноцид во Руанда, каде на клупата за обвинетите се најде раководството на „Слободното радио на илјадниците ридови“ и весникот Kangura. Токму тие, во договор со властите на Руанда, ги поттикнувале луѓето на геноцид врз етничката група Тутси, во тоа време кога самите власти генерално се воздржувале од толку остри изјави, и наместо тоа спроведувале таков геноцид. Како резултат на тоа, се нашле на обвинителната клупа.
Сега руското раководство го очекува правно осудување, цивилно и воено, како и „најистакнатите“ пропагандисти. Вон сомневање, обвиненија ќе бидат поднесени, исто така, и за дипломати кои на меѓународна арена водат пропаганда за оправдување на дејствијата на руските власти.