Бугарија од јуни ќе почне да добива американски течен природен гас (LNG), што ќе и помогне во снабдувањето на пазарот откако рускиот „Газпром“ го прекина снабдувањето со гас, соопшти денеска бугарската Влада, пренесува МИА.
Аранжманот беше договорен на средбата меѓу премиерот Кирил Петков и американската потпретседателка Камала Харис во Вашингтон, соопшти владата.
„Испораките на течен природен гас за Бугарија по цени пониски од оние на „Газпром“ се договорени од јуни“, се наведува во соопштението на владата, без да се дадат дополнителни појаснувања.
„Газпром“ од 27 април ја прекина испораката на гас за Бугарија и Полска, затоа што одбија да плаќаат во рубљи.
Бугарија годишно троши околу три милијарди кубни метри гас, од кои над 90 отсто доаѓа од Русија.
Бугарија е во преговори со Азербејџан за зголемување на испораките на гас и се обидува да преговара за ЛНГ преку терминалите во Грција и Турција.
Бугарскиот премиер, Кирил Петков, за време на посетата на САД беше примен од потпретседателката Камала Харис, соопшти прес-центарот на бугарската влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија во разговорот со американската потпретседателка Петков договорил реални испораки на течен природен гас за Бугарија по цени пониски од оние на руската компанија „Газпром“.
Петков и Харис разговараа и за стратешкото партнерство меѓу Софија и Вашингтон и за можностите за продлабочување на соработката во интерес на двете земји.
Бугарскиот премиер посочи дека ова што се случува во Европа е јасен знак за потребата од забрзани и реални мерки во енергетската сфера.
Потпретседателката Камала Харис и честиташе на Бугарија за решителните активности што ги презеде за да го одбрани нејзиниот енергетски суверенитет.
Бугарскиот премиер од своја страна посочи дека партнерството меѓу Софија и Вашингтон е важен дел од постигнувањето на бугарската гасна независност, заедно со солидарноста на ЕУ.
Петков во Стејт департментот разговараше и со американскиот државен секретар Ентони Блинкон. Двајцата разговараа за партнерство со САД за енергетска диверзификација на Бугарија и регионот на Западен Балкан. Двајцата разговараа за модернизација на бугарските вооружени сили, како и за стабилноста и развојот на Западен Балкан.