Надворешните министри на Австрија и Естонија во Брисел дадоа изјави околу шестиот пакет санкции на Европската Унија против Русија, што следува. Австрискиот министер Александер Шаленберг е уверен дека пакетот ќе биде „завршен следните денови“, јави Си-Ен-Ен.
Според Шаленберг, пакетот санкции поради руската инвазија на Украина, ќе биде „многу суштински“, но сè уште има „извесна потреба за дискусија“. Како што додаде министерот, целокупниот руски воен комплекс ќе биде цел на санкциите што следуваат, пренесува МИА.
Естонската министерка за надворешни работи Ева – Марија Лиметс се надева дека членките на ЕУ „ќе постигнат напредок и овој пакет ќе биде усвоен и нафтата ќе биде вклучена во него“.
Таа додаде оти ЕУ „мора да продолжи да ја поддржува Украина, мораме да продолжиме да ѝ даваме хуманитарна помош, одбранбена воена помош исто така, но и да разговараме со Украинците како можеме да ги поддржиме да ја реконструираат нивната земја“.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, објави денеска на Твитер дека ја започна својата посета на Брисел за да притисне за шестиот пакет санкции воведени од Европската Унија против Русија, што мора да го вклучи и ембаргото на нафтата,, .
„Ќе се фокусирам на дополнително снабдување со оружје и доделување на Украина статус кандидат за ЕУ. Ние веруваме дека Украина заслужува индивидуална проценка заснована на заслуги“, пишува Кулеба.