Русија побара од својот Врховен суд да го прогласи украинскиот Азовски полк за терористичка организација.
Според руската новинска агенција Интерфакс, Министерството за правда во Москва соопштило дека судскиот случај „за прогласување на украинската паравоена националистичка група „Азов“ (други употребени имиња: баталјон „Азов“, полк „Азов“) како терористичка организација и забраната за нејзините активности на територијата на Руската Федерација е закажан за судење на 26 мај“, објави МИА.
Ова се случува во момент кога украински борци, од кои многумина се припадници на Азовскиот полк, се евакуирани од челичарницата Азовстал.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков претходно одби да коментира дали бранителите на челичарницата – кои сега се во руски притвор – ќе бидат третирани како воени затвореници или како воени злосторници.
МИА