Бугарскиот парламент ќе го разгледува гласањето за доверба на владата на премиерот Кирил Петков во вторник од 11 часот, а гласањето би требало да се одржи следниот ден, в среда.
Одлуката за свикување на вонредната седница во вторник е потпишано од заменик-претседателот на парламентот Мирослав Иванов, пишува mediapool.bg, пренесува МЕТА.
Во средата ГЕРБ поднесе барање за гласање доверба на актуелниот владин кабинет, од кој минатата седмица се повлече партијата „Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов. ГЕРБ барањето го аргументираше сo „пропаст на финансиската политика на државата“.
Подоцна истиот ден, ИТН поднесе барање за разрешување на претседателот на парламентот, Никола Минчев, кој е од партијата на премиерот Петков. Минчев беше разрешен вчера.
Во меѓувреме, распадот на ИТН во парламентот продолжува. По првите пет пратеника што „му избегаа“, денеска уште еден пратеник ја напушти пратеничката група на партијата. Според еден од првите петмина бегалци, можно е уште најмалку пет пратеника да излезат од партијата, со што навистина драстично се зголемуваат шансите на владата на Петков да го „преживее“ гласањето доверба в среда.












