МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Како го гледам процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ?
Останат си без работа и бараш најдобра фирма за вработување.
Си наоѓаш една многу добра, со добри услови за работа, во твоја близина, има отворени работни места, добра плата.
И, конкурираш.
Ти велат мило ни е, само ќе треба да те провериме и да исполниш некои услови (знаење, вештини, тимска работа, неосудуваност, …).
Ги вадиш сите документи, аплицираш и комисијата вели, може да те примиме како приправник. По приправничкиот стаж, ако е сѐ во ред, може да се вработиш со полно работно време.
Радости.
Ама, се јавува еден вработен од фирмата (еве на пример ќе го крстиме Андонис, кој и не е баш добар работник ама одел заедно со синот на менаџерот во основно и сите го тинтраат), и вели, не се согласувам да го примите на приправнички стаж затоа што има име кое е исто како мојот надимак. И објаснува дека така го викала омилената баба и е емоционално врзан за надимакот и не сака никој друг да биде така именуван. Може да стане приправник, само ако се откаже од името.
Седнуваш, размислуваш и си велиш, многу ми треба работава, ептен е добра, дај да најдеме некој компромис. И на крај, се договарате покрај името ти да ставиш надимак за сите да може да те разликуваат од вработениот.
Ти велат, супер. Само во меѓувреме решивме да нема нови вработувања, па ќе мора малку да причекаш.
По некоја година ти пуштаат абер дека од утре може да започнеш приправнички стаж.
Арно ама, се јавува една вработена (еве на пример ќе ја крстиме Гергана, која е тапа работничка, ама има голема нива на која фирмата изградила паркинг) и вели, јас сакам пред да стане приправник јавно (во три весници) да се откаже од мајка му и татко му, од бабите и дедовците и сета родбина до седмо колено. И сакам мене да ме прифати како мајка.
Седнуваш да размислиш и гледаш дека сега навистина си ставен во ќорсокак.
Не сакаш да се откажеш од мајка ти и татко ти, од бабите и дедовците и од сета родбина до седмо колено, ама без работа си. И веќе немаш баш многу резерви за трошење. Се обидуваш да објасниш, меѓутоа менаџментот ти вели дека вработената (Гергана) е многу несреќна ако не ја признаеш и прифатиш за мајка.
Кои ти се опциите:
- Да побараш друга фирма (меѓутоа ниту една ни од далеку не ги нуди условите за работа како оваа);
- Да се откажеш од мајка ти и татко ти, од бабите и дедовците и од сета родбина до седмо колено, и да ја прифатиш вработената (Гергана) за мајка;
- Да отвориш свое фирмиче (независно од тоа дека нема баш реални шанси да ја издржиш конкуренцијата) и да станеш толку добар и успешен што сами ќе те посакаат;
- Или …?