Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам.
Претседателот Стево Пендаровски денеска, по повод големиот муслимански празник Курбан Бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија.
„Посакувајќи многу здравје, радост и бериќет, дозволете да споделам две согледувања за улогата на овој значаен празник. Пред се, Курбан Бајрам е празник на солидарноста и негувањето на добрите навики на милосрдието, дарежливоста и човечноста кон ранливите кои имаат насушна потреба од поткрепа. Важноста на празникот најмногу доаѓа до израз токму во периоди на економски предизвици со кои се соочува нашата држава и поголемиот дел од светот. Истовремено, Курбан Бајрам е нераздвоен дел од вековниот соживот во македонското мултирелигиско и мултиетничко општество. Празничните денови се можност за продлабочување на заемното почитување преку запознавање со традициите на различните од нас, наведува Пендаровски и упатува најискрени желби за добро здравје, радост и благосостојба“, се вели во честитката на Пендаровски.
„Денешниот голем муслимански празник Курбан Бајрам нè потсетува на нашата најважна човечка мисија – во духот на трпението, несебичноста и пожртвуваноста да се погрижиме за најблиските и сите оние на кои им е потребна подадена рака и да ги сочуваме великодушноста, сочувството и солидарноста кои сега ни се потребни повеќе од било кога. Величественоста на Курбан Бајрам Бајрам едновремено нè потсетува дека сите неволји можеме заеднички да ги совладаме како и досега – во духот на вековната традиција на соживот“, порача премиерот Димитар Ковачевски.
Во ова време на искушенија и предизвици треба да имаме вера, убедување, решителност, храброст и посветеност на вистинските безвременски вредности, но и да бидеме сигурни дека со верба, истрајност и заедништво ќе останеме цврсто на патот на кој ќе обезбедиме сигурна и просперитетна иднина за нашите идни генерации, на која сите ќе бидеме горди, напиша Бојан Маричиќ, вицепремиерот за европски прашања на својот фејсбук профил.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на сите граѓани од исламска вероисповест им го честитам празникот Курбан Бајрам.
„Во духот на празникот, споделете ја среќата, радоста и љубовта со сите оние на кои им е потребна, во знакот на вистинските човечки и верски вредности. Во вековната традиција на соживот и разбирање, благородните пораки што ги испраќа овој празник на солидарноста, хуманоста, грижата кон другите, единството и еднаквоста, нека бидат наши водилки на патот кон развој и напредок“, пишува Петровска во честитката објавена на нејзиниот Фејсбук профил












