Владината делегација предводена од вицепремиерот за економските прашања Фатмир Битиќи, денеска и утре во Тирана ќе имаат интензивни работни средба за детална координација со цел заедничко справување со кризата со недостаток на храна и струја, како и за ризиците од пожари во текот на летото.
На средбата на работните групи ќе се дефинира и начинот на активирање на идентификацискиот број за граѓаните на Отворен Балкан, како и укинување на работните дозволи со што државјаните на трите држави ќе можат непречено да работат во целиот регион.
Во состав на македонската делегација се и министрите Крешник Бектеши за економија и Адмирим Алити за информатичко општество и администрација, заменик-министрите Филип Николоски за финансии и Абдулшуќур Абедини за земјоделство, и националните координатори за Отворен Балкан Марјан Забрчанец и за регионална соработка Нола Исмајлоска, директорите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување, како и советниците и раководители на сектори.
На крајот на работните средби, во вторник се очекува и завршна прес-конференција на која заклучоците и решенијата ќе бидат презентирани пред јавноста во трите држави.