Изборните кампањи за градоначалници на Маврово и Ростуше и на Центар Жупа, како и за членовите на Совет на Општина Тетово завршува утре, 18 август. Изборите ќе се одржат на 19 август, петок, за немоќните и болни лица, за избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат во домашен карантин и
лицата на кои им е одредена мерка самоизолација, оние кои се наоѓаат на издржување на казна затвор или се во притвор, лица кои се на издржување мерка куќен притвор, за лицата со статус внатрешно раселени лица и за избирачите кои на денот на гласањето се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа.
За сите останати избирачи гласањето започнува на 20 август, сабота, во 07:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот.
Право на глас на изборите за градоначалник во Центар Жупа имаат 7154 гласачи. На изборите за градоначалник на Маврово и Ростуше право на глас, според Избирачкиот список имаат 9948 гласачи. За членови на Совет на Општина Тетово, право на глас имаат вкупно 84072 гласачи.
Во Маврово и Ростуше ќе се гласа на 39 избирачки места, во Центар Жупа на 16 избирачки места, а во Тетово гласањето ќе се одвива во 117 избирачки места.
Кандидат за градоначалник на Центар Жупа е Аријан Ибраим од Демократска партија на Турците. Кандидати за градоначалник за Маврово и Ростуше се Медат Куртовски, Коалиција „Најдобро за мојата општина“, предводена од СДСМ, и Мевдет Џафери од ВМРО-ДПМНЕ. На листата за кандидати за членови на Совет на Оптина Тетово, се наоѓаат, со свои кандидати, Коалиција „Најдобро за мојата општина“, предводена од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, ИНТЕГРА, група избирачи предводена од Агон Заими, Алтернатива, Алијанса за Албанците, БЕСА, Демократска партија на Турците во Македонија, група избирачи предводена од Ељмедина Абдулахи, ДУИ, ПЦЕР и од Левица.
Б. Јордановска