Денот на независноста на Украина ќе биде одбележан и во Скопје. В среда, на 24 август, на главниот скопски плоштад „Македонија“, украинското здружение „Лесја Украинка“ ќе ја интонира националната химна на Украина во 14 часот. Потоа ќе бидат одржат неколку говори, почнувајќи од дипломатскиот претставник на Украина во нашата земја, Роман Буга, како и претседателот на здружението „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович.
Оваа година, независноста на Украина се одбележува во воени услови, под закана од жесток напад на руските сили, како што предупреди и претседателот Володимир Зеленски во своето редовно вечерно обраќање до светската јавност на 20 август. Одбележувањето на Украинската Независност започна на 20 август со оригинална и духовита, но и длабоко трогателна, парада на руското вооружување, заробено или уништено, на улиците во центарот на Кијив.
Денот на независноста на Украина оваа година нема да биде одбележан само во Украина. Целиот демократски свет ќе го одбележи овој датум. Илјадници организации, институции и активисти од целиот свет веќе објавија програма со активности со кои ќе го одбележат Денот на независноста на Украина, на кои ќе упатат пораки на поддршка на херојскиот отпор на Украинките и Украинците против руската брутална агресија.
Денот на независноста на Украина (украински: День незалежності України) е најголемиот државен празник во модерна Украина. Тој се слави на 24 август со што се одбележува Декларацијата за независност од 1991 година.
Во периодот кога Украина сè уште беше во состав на Советскиот Сојуз, украинската дијаспора традиционално го одбележуваше 22 јануари, по повод Декларацијата за независност на Украинската Народна Република во 1918 година.
Независноста на модерна Украина за првпат беше прославена на 16 јули 1991 година на првата годишнина од Декларацијата за државен суверенитет на Украина донесена од Врховната Рада (Украинскиот парламент) во 1990 година. Декларацијата за независност беше издадена на 24 август 1991 година, а потоа и потврдена со референдумот од 1 декември 1991 година. Оттогаш, Украина го слави 24 август како Ден на независноста.
Д. М.