Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Владимир Путин е подготвен да разговара.
– Бевме заедно во Узбекистан, имавме долги разговори. Тој покажа знаци дека е подготвен ова да заврши што поскоро. Тоа беше мојот впечаток, изјави Ердоган за ПБС додавајќи дека е договорена размена на 200 затвореници.
Веста доаѓа по големата украинска контраофанзива во која беше ослободен североисточниот дел на земјата, коментираат светските агенции.
Ердоган вели дека му рекол на Путин да го врати Крим на неговите вистински сопственици.
– Од 2014 година на мојот драг пријател Путин му зборуваме за тоа и го баравме тоа од него. Баравме Крим да им се врати на вистинските сопственици. Тие се и наши потомци кои живеат таму, рече Ердоган, додавајќи дека ниту еден чекор во таа насока никогаш не бил направен.
На прашањето како треба да изгледа крајот на војната во Украина, Ердоган рече дека земјата што ја освоија Русите мора да му се врати на Киев.
Во исто време, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска рече дека „во моментов нема изгледи за политичко-дипломатско решение на ситуацијата во Украина“.
– Во моментов нема такви изгледи, изјави Песков за Интерфакс.
Ова не е прв пат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да се залага за враќање на окупираниот Крим на Украина.
Коко што објави предходно Цивил Медиа, на 24 август Ердоган го повтори ставот на Турција дека Анкара го поддржува територијалниот интегритет на Украина и ја отфрла руската анексија на Крим во 2014 година.
Ердоган во видео порака на Вториот самит на Кримската платформа што се одржа онлајн, рече дека Крим мора да и се врати на Украина.
Подготви: Д.Мишев