Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска се обрати на Бизнис форумот на стопански комори на Република Северна Македонија и Република Хрватска.
Од Владата информиарат дека во рамки на Бизнис форумот вицепремиерот Битиќи имал билатерална средба со хрватскиот вицепремиер и министер за море, промет и инфраструктура, Олег Бутковиќ на која разговарале за искуствата на Хрватска во пристапните преговори со ЕУ, како и унапредување на регионалната конкурентност како катализатор на процесот за Северна Македонија и земјите од регионот.
На средбата, како што се наведува, двајцата потпретседатели зборуваа и за билатералниот договор за одбегнување на двојното даночење помеѓу Република Хрватска и Република Северна Македонија.
-Министерствата за финансии на двете земји, Република Хрватска и Република Северна Македонија, ќе ги дорегулираат сите дополнителни права и обврски кои се однесуваат на договорот за одбегнување на двојното даночење меѓу Република Хрватска и Република Северна Македонија, со цел компаниите на двете земји да имаат право на одбиток на ДДВ за промет остварен во другата земја, се вели во соопштението.


Бизнис форумот е во организација на Хрватската стопанска комора, а учествуваат претставници од Стопанската комора на Северна Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Сојузот на стопански комори, како и голем број на компании од двете земји.












