• Latest
Војо Маневски

Преголеми чевли

October 10, 2022
„Марш за ангелите“, Скопје 15 ноември 2025
Фото: Ј. Ѓорѓиоски

Маршот за ангелите го разбуди Скопје – „Правда сега, без одлагање“

November 15, 2025

СПЕЦИЈАЛЕН ИЗВЕШТАЈ НА ЦИВИЛ ( дел 1): Стратешка слика и начинот на функционирање на екосистемот – актери и канали

November 15, 2025
Фото: Твитер

Започнува масовното производство на украинските беспилотни летала-пресретнувачи „Октопус“

November 15, 2025
Фотоколаж: Скриншот од time.mk и видео на baku.tv

Репетитивното објавување на изјавите на Песков – императив на некои македонски медиуми

November 15, 2025
Last Crude Oil Tanker at Shell Haven - geograph.org.uk - 605835.jpg Фото: wikimеdia commons

Ројтерс: Иран потврди дека е запленет танкер со петрохемиски товар

November 15, 2025
Фото: Скриншот од видео на ВВС

Американската војска планира поделена Газа со „зелена зона“ обезбедена од меѓународни и израелски трупи

November 15, 2025

Град Скопје воведува нов режим за изнесување отпад: ноќна забрана и казни до 50 евра

November 15, 2025
Фото: Ј. Ѓорѓиоски. Фронтлајн

„Марш за ангелите“ денеска во 12:05 во Скопје

November 15, 2025
Креирано со помош на ВИ

Судството под меѓународна лупа – меѓу критики и политичка одбрана

November 15, 2025

Поранешниот министер за правда Кренар Лога се повлекува од партиските функции во АА

November 14, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Преголеми чевли

October 10, 2022 12:27
in СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Војо Маневски

Војо Маневски

Share on FacebookShare on Twitter

ВОЈО МАНЕВСКИ 

Ех што е убаво да си во тек со модата! Современите експерти за сѐ и сешто велат дека така се стекнува самодоверба. И имаат право, штом видам некој добро облечен господин, веднаш му ја мерам хоризонталата на носот. Ретко кога го  држи рамно нивото, врвот на носот му е како прамец на едрилица, штом брановите стивнат само кон ѕвездите се подига.

Кај понежниот пол, а според моите заостанати критериуми и поубавиот пол, облекувањето, модата и самодовербата е наука за чии правила треба да прочиташ томови книги и на крајот да заклучиш дека жените се од друга езотерична планета. Далечна, често недостижна, ама нужна и суштествено потребна. Оваа реченица сфатете ја како сакате, само немојте да барате да ја објаснам, таков маж сѐ уште не се родил, а немам намера да претендирам на такви висини, кога со моиве психо-политички нерамнини треба да се објаснувам. За она „таков маж“ мислев како карактер и тоа без разлика на половата определба или наследство. Овде пред сѐ мислев на карактерот, кој мора да го поседува вршителот и носителот на општествената положба, која му дава можност да го трасира или го оди патот по кој треба да се движат сите.

Од чевлите зависи сигурноста на одот и далечината на одењето. Ако способен човек има „претесни чевли“, постепено тие ќе го оштетуваат  неговиот палец и болката ќе го успори одот, ќе го запре напредувањето и на крајот ќе запре со движењето кон зацртаната цел. Болни нозе и тесни чевли што можат да се скинат од напнатост не е предиспозиција за постигнување на било која цел поврзана со движењето. Посебно, тоа може да е огромен хендикеп, ако се работи за општествени цели што треба да ги достигнат водачи кои се обуени во тесни чевли.

Кога така намачен човек ги собуе тесните чевли и полека го соблече чорапот, настанува една пријатност од ладењето на оштетените ткива и со ослободување на стеснатоста од неподобните обувки што требало да бидат заштита при одењето, но и доказ за некакво општествено ниво. Со еден збор олеснување што се граничи со оргазмично задоволство. Кој не верува нека се обиде да оди со број или два помали обувки или нека врши општествена функција за која има знаење, но нема слобода да ја извршува без да прашува секое утро за свое мислење некој одозгора, отстрана или најчесто одоздола.

Кога се обидувам да ја претставам сегашноста во мојот провинциски живот и перспективите на лидершипот на локално ниво, сакал не сакал ми се враќаат споредбите со чевлите, дебелите волнени чорапи и лошото движење со носењето на обувки со еден или два броја поголеми од габаритот и природата на ногата на која се обуваат.

Да почнеме од нозете, а не од чевлите. Некако се научивме да ги оценуваме чевлите, а заборавивме дека нечија нога треба да ги носи. Цела наука постоела за изгледот и квалитетот на нозете што се битна предиспозиција за носење добри чевли и стигнување до високи општествени степеници. Рамните табани според ортопедите се последица и основа на лошо поставено тежиште на р’бетот што го држи целиот организам. Место на средината од стопалото сета тежина паѓа на петата, а природното правило на одењето е: прсти, пета, прсти, пета. Ако се спушта  целата тежина на петата, а таа за таков напор не е предвидена и мора да се распука  посебно под зголемената тежина на телото, поради нараснатата општествена положба и притисок што не одговара на рамните табани и неприкладните нозе.

Ви ја оставам варијацијата на заклучоците по носителот на функција и по последиците за заедницата кога дустабанлија облече неприкладни обувки кога не се води сметка дека се работи за ортопедски пациент. А има во сето и наследство од долгата генерациска употреба на опинци и со нив припаѓачка општествена положба. Опинците се удобни обувки што не ја стегаат ногата и таа лесно се прилагодува на нив. Има еден проблем околу опутите и лошата кожа за долниот дел на опинците. Ако се тесни опутите и се исушат кога ќе се повлечат се тврди и крути, па ја влечат нерамномерно основата на опинците и место слободна положба на нозете прават опинците да имаат облик на чамец, а предните прсти се преклопуваат, а со тоа и газењето е несигурно, бидејќи не е на целата површина на ногата. Германските лекари по Втората светска војна, што како затвореници вршеле преглед на населението во Источна Македонија со својата германска точност и педантност, констатирале дека на секој втор македонски селанец палецот и првиот прст на ногата му се преклопуваат. Запишале дека треба да се препорача да се прават пошироки опинци и да не се стегаат опутите. Волнените чорапи да се прават со поширок преден дел за да овозможи прстите правилно да се формираат кај децата што носат опинци.

До душа тогаш немало поглавје за влез во Европа зошто ако имало кој знае какви чорапи, капи, елеци и гаќи ќе ни препорачале. Вака сме поминале со препораки за чорапи и опинци. Додале и дека тоа што ги влечеме нозете по земја и често имаме рамни табани е поради немањето на потпетици на опинците и нозете не ни се развиваат според правилата на европскиот од. Европејците со векови проодувале и оделе во дрвени кломпи со потпетици и полнети со слама, па затоа одат како дрвени кукли гордо исправени без многу свивање во р’бетот.

Е, кога се разјаснивме со потеклото на нашите облици на нозете и стапала да се вратиме на новата појава на носење и употребување на обувки со поголем број од големината и несоодветни на обликот на стапалото.

Да расчистиме само едно. Од тесни обувки страда стапалото на оној што ги носи и го натера или да ги собуе или да седне и прекине со одењето. Со носењето на обувки со поголем број е малку посериозна состојбата. Нема болка во стапалото, ниту на прстите, а најчесто ниту на тетивата. Опасноста е во идентитетот и интегритетот на носот и челото. Со чевли поголеми два, а некогаш и три броја, носителот ризикува да се сопне и да падне. Но не да падне како да се стркала, туку да паѓа во неколку брзи мигови, ничкум и со тешки последици. Прво се свива делот од обувките пред палецот, па прави погрешен ритам во одењето. Ако се загуби ритмот се удира задната нога во предната пета или некаде во тој предел на ногата. Ако е рамно местото може падот да се ублажи, ама ако е нагорнина или не дај боже надолнина падот е страотен. Се сплеткуваат нозете, се удираат колената едно во друго и телото паѓа на земјата. Арно, ама не паѓа постепено и прво на колената, па после и на лактите, туку нозете се сплеткуваат, а телото паѓа како свеќа или поточно како топола што ја надраснала предвидената висина, па паѓа, доведувајќи ја околината околу себе во опасност.

Таквите тополи мора да се кастрат уште пред да ја надрастат својата предвидливост. Таква е  последица од обувките кои се број два или три поголеми од нозете на сопственикот. Ако се обувките од некоја неквалитетна кожа може и да попуштат и падот да биде сепак постепен. Едноставно при погрешен ритам на чекорење пукаат некаде на половината и целиот процес на паѓање го успоруваат и прават помалку опасен. А и цената на таквите обувки е мала, па можат да се заменат во следната кинеска продавница на чиј излог пишува сѐ за едно евро. Ако се чевлите италијански „Бали“ или „Прада“,  француски „Л’цепс“, падот со последици е загарантиран. Квалитет е тоа братче. Тешка говедска кожа што ти ја опкружува ногата и ако се лизнеш низ нејзината внатрешност не можеш ниту да се вратиш, а ниту да го пружиш чекорот. Внимаваш само да не ти се рачињата во џебовите за да се заштитиш и да не паднеш директно на носот и неповратно го оштетиш својот имиџ или не дај боже физичкиот интегритет. Чело, веѓи и такви ситници што ги поправаат пластичните хирурзи се колатерална штета. Најтежок е падот од американски чизми ала Хјустон. Имаат потпетици закосени под шеесет степени и се изработени од тврда јунешка кожа на која и се ставени и некакви шари од разни индијански војни. Предвидени се за јавање во седло со потпетиците заденати во узенгии и не се кинат лесно дури иако ги сплеткаш нозете и не можеш ниту напред ниту назад. Оние од Тексас се со пресечен врв и не се многу опасни ако се откачат од сплеткувањето, ама ако се од Источниот брег се со остар врв и држач за мамузи и тогаш има шанси од поголема опасност и трајни последици и врз носот и врз челото, а најчесто страдаат  забите и муцката на храбриот носител на обувки со еден или два броја поголеми од потребите и природата на неговата нога и големината на неговата општествена положба.

Уф, се изморив од асоцијации и скриени пораки, а верувајте дека сакав само да ви раскажам една моја приказна за едни мои полу-чизми од завртена кожа и со сива боја. Продолжува нагоре со Вранглер фармерки и Астибо блуза. Колку беа потаман по број и крој, тогаш не знаев, само знам дека и тогаш во тој тренд и денес после децении се врска која не се раскинува и не е подложна на испитување. Изгледа бројот на чизмите и мојата нога беа таман, како и погледот на зелените очи што се сопреа на нив. Ама тоа е судбина, а не неприродна кариера во која се носат преголеми чевли и настануваат несакани последици. Заборавив само да потсетам дека имаше една басна со наслов „Мачорот во чизми“, за преголемите чизми ли беше?

 

Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Скриншот од видео на ДИК

    Локалните избори 2025 се официјално и конечно завршени, објави ДИК

    307 shares
    Share 123 Tweet 77
  • „Ние сме далеку пред Албанија“ – Зошто оваа изјава на премиерот Мицкоски е важна за европската приказна на Северна Македонија

    122 shares
    Share 49 Tweet 31
  • Богати странци плаќале по 80.000 фунти за „сафари викенд“ за да убиваат цивили за време на опсадата на Сараево

    102 shares
    Share 41 Tweet 26
  • Изгледа гатачката на Грујо ја вратиле во Царина, Мицкоски почна да споделува вести од иднината

    114 shares
    Share 46 Tweet 29
  • Локалните избори во Косово Избори без апсолутен победник, но со пораки за партиите

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ