Министерот за вооружени сили на Франција Себастиен Лекорну, по завршувањето на средбата со министерката Славјанка Петровска денеска во Париз, на својот фејсбук профил објави куса, но мошне моќна политичка порака за улогата на Северна Македонија на Балканот, информираат од Министерството за одбрана.
“Придонесот на Северна Македонија во НАТО и ЕУ е круцијален за стабилноста на Балканот“ – објави министерот Лекорну на својата Фејсбук страница. Лекорну истата порака ја прати на состанокот на кој министерката Петровска порача дека остануваме посветени како сојузници во Алијансата, во градењето на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот.
“Имаме исти предизвици, треба да најдеме заеднички решенија. Клучот за безбедна и просперитетна иднина на регионот е во демократизацијата и засилената европеизација на Западен Балкан“ истакна Петровска.
Северна Македонија и Француската Република денеска склучија Договор за одбранбена соработка, кој ќе овозможи развој на способностите на нашите вооружени сили и армиските капацитети, обука, тренинзи, како и поддршка и развој на одбранбената политика.












