Учениците во скопските гимназии „Никола Карев“, „Орце Николов“ и „Јосип Броз Тито“ се евакуирани, поради нова анонимна закана со бомба, а МВР за „ЦИВИЛ медиа“ потврдуваат дека овие закани со бомби се пријавени во четири скопски училишта.
-Во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на мејл адреси на четири (до овој момент) училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во изјавата што ја добивме од МВР.
Ова е вторпат неделава да бидат испратени закани за поставени бомби.
Заканите со бомби во скопските училишта почнаа минатата недела, почнувајќи од среда, и три дена по ред пристигнуваа закани за бомби во неколку скопски училишта. Заканите досега беа лажни.
Полицијата во средата повика на разговор едно лице од Скопје во врска со заканите, но лицето беше веднаш пуштено и од обвинителството кажаа дека не е поврзано со испратените закани.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера во гостување на ТВ „Сител“ кажа дека пораките се пуштени од надвор од државата.












