• Latest
Емилија Целакоска

Црвено-кафеава измама

January 1, 2023

Орданоски: Време е новата генерација да ја заштити демократијата од национализам, туѓи агенди и политички елити

October 23, 2025

Фактор на кој (не) се смета: Излезноста на Албанците на локалните избори

October 23, 2025

Поранешен унгарски разузнавач по неодржувањето на средбата помеѓу Трамп и Путин: Она што сега изгледа како дипломатски успех, на долг рок ќе се претвори во сериозна трагедија

October 23, 2025

ИЗБОРНА ХРОНИКА: Комбинаторики и договарања меѓу кандидатит и партиите за вториот круг; експлицитен и понижувачки говор на омраза кон Ромите; руското влијание врз локалните избори

October 22, 2025
Фото: Амбасадорката на Украина, Лариса Дир/Х

Амбасадорката Дир: Руското гранатирање на Кијивската област одзеде живот на бебе, 12 годишнo дете и мајка – некој молчи, а некој се придружува на богослужбите на РПЦ

October 22, 2025
Џабир Дерала, Меѓународна конференција за демократија и човекови права, Скопје, 12 декември 2024 (фото: Роберт Атанасовски)

Колумна на Дерала од ЦИВИЛ во престижниот Voxeurop: Единството на Босна под закана од хибридната дестабилизација на „српскиот свет“

October 22, 2025
Пожар во рафинеријата за нафта Шажаломбата во ноќта на 20 октомври 2025 година – Фото: Фотографија од читателите / Телекс

Експлозии во романските и унгарските рафинерии за нафта поврзани со Русија

October 22, 2025
Тони Поповски, панел „Демократско назадување: Импликации и последици“, Скопје, 9 октомври 2025
Фотографија: Б. Јордановска - ЦИВИЛ

Поповски: Консолидиран центар, економска расправа и емпатија – три клучни чекори за стабилна демократија

October 22, 2025
Трамп и Зеленски во Овалната соба, 18 октомври 2025 (фото извор: ФБ страница на Володимир Зеленски)

Изгубени во преводот: Средбата Трамп–Зеленски и создавањето на една пропагандна приказна

October 22, 2025

(ВИДЕО) По пукањето и пожарот пред Парламентот во Белград, Американската амбасада издаде безбедносно предупредување

October 22, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Црвено-кафеава измама

January 1, 2023 12:21
in ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Емилија Целакоска

Емилија Целакоска

Share on FacebookShare on Twitter

ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА

Дали некој за себе вели „Јас сум националист“ или „националист“ оди само во второ и трето лице како понижување? Па и не запираме кај „сум“, „си“, „е“ и да се загрижиме малку, оти некако излегува дека го опишуваме своето или туѓото постоење со еден збор. Ми се чини, двајца што зборуваат, користејќи „тој е“, „јас сум“, „ти си“ и ваков колективен поим, можеби зборуваат за различни работи, кој како си го сфаќа.

„Фашист“ на сите им е негативен поим, (барем тоа!), што не значи дека на сите им се отворени очите кон себе. Не знаеме дали приврзаниците на Ванчо Михајлов и чираците на Дугиновата кауза мижеле или ја мамеле јавноста кога маваа наоколу со „фашизам, фашизам“, небаре се тепаат со перници. Сѐ повеќе личи дека тоа го правеа за да пролетаат фашистички честички во воздухот. Тој концепт, според мене, треба да се закопа во некоја длабока дупка, сосе сите симболи, во 77 вложени ковчези и да се осигура со клинци, катанци и квантни лозинки и никогаш да не се спомене. Може, евентуално, само преданија за фашистичкото зло на некои постдокторски студии, но не и дофрлања во јавниот простор.

А „комунист“, каде го снема, освен „комуњар“ (од „бомбите“ најексплицитно)? Зошто сега не се вели „комуњари“ за Левица, нели тие претендираат да го пополнат просторот на желните за комунизам? За жал има луѓе кои се лажат по нив, а не соодветствуваат на црвената проекција што Левица им ја врши, можеби се само носталгични по младоста или во спомените им е социјализмот. Проблемот на Левица е што шефот имал едвај 8 години кога Југославија се распадна (немал ни 6 години во лошата 1989 г.) и поим нема – искуствено, што никако не може да се лажира – колку беше различна Југославија од СССР, а со тоа и Македонија (можеби затоа руските инструкции во говорот на Апасиев се малку отповеќе забележителни). Се разбира, Левица се бледило од црвени комунисти, а се сѐ спротивно од социјалисти – не нула, туку минус милион. Со таа боја ги спојува само крадењето на Ленка, претенциозниот назив Левица и „дебелото“ трудење да изгледаат што по комунистички, смотувајќи ги луѓето со тоа. Значи, црвеноста што се обидуваат да ја продаваат не е југословенскиот социјализам (веројатно сметаат на луѓето што купуваат SQMY батерии, и тоа не од сиромашност или лош вид). Тоа е некој истоштен костур од Сталиновиот комунизам со автократија, не многу различен од фашизмот. Навистина, две колективистички идеологии – сестри.

Левица и ВМРО – ДПМНЕ, воедно, се партиите кои се залагаат за унија со шампионот на колонијалниот империјализам на 21 век, агресивниот „доцртувач“ на границите на Русија, Путин, и тоа, со отпосле текнување, не бргу по распадот на СССР (иако ВМРО – ДПМНЕ се зеза со сите викајќи дека била за унија со ЕУ, „ама“…). А истите ги викаат САД „империјалисти“. Тогаш кај се да берат памук под американско знаме на оваа географска должина и ширина.

Овие две слични партии замислуваат дека прават некаков одбрамбен замав, така што на шамарите од САД и ЕУ за авторитарните практики и деструктивноста, одговараат со националистички муабети за „сувереноста“, за своја внатрешна корист. Овие денови најјасно досега им објавија: „Јасно е дека партиите кои се најнационалистички во регионот се и најкорумпирани. Тоа е факт.“ – заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар.

Посебна приказна е што светот нема завршено со дефиниција за што е сувереност. Досега само се знае дека сувереност не смее да значи владетелот да им прави гадости на своите граѓани, но и интервенирањето од страна не смее да стои на измислени гадости. Тоа се комплицирани проблеми за дефинирање на код на однесување на една држава. Внатре моќта се ограничува со човековите права (ОН) и тоа е во тек да се отслика надвор. Цел свет го отплеткува јазолот меѓу сувереноста и (не) интервенционизмот. Биполарноста за време на Студената војна малку го заспа светот по ова прашање, бидејќи заради неа светот газеше како на јајца. Но, ние, од внатре, сигурно можеме да ги дефинираме минатите авторитарни гадости на ВМРО-ДПМНЕ кога беше власт, а говорот на првите од Левица не претпоставува ништо добро за некоја иднина. Таква сувереност ли сакаме. (Овде, го сомничам и ИРИ дека анкетирале премногу симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, како што најотворено имаа двоцифрени проценти на членови на таа партија кои одговарале на анкетата)

Всушност, веќе доста време САД е против верзии на црвено-кафеави алијанси што изникнуваат по светот. Називот црвено-кафеава алијанса оригинално е за комунистичко-нацистичка соработка, измислен е одамна и до ден-денес опишува разни форми на концептот, до комбинации на ултралевичари со ултрадесничари, но и „потенки“ варијанти. Како јасно дефиниран антилиберален концепт, се смета дека е на Александар Дугин. Локално, кај нас таква вкрстенa алијанса е онаа што ја нарекуваме „Левица и ВМРО-ДПМНЕ “ како еден антидемократски, антилибералистички спој, само што кај нас е во некоја анемична верзија.

Како што Левица се само продавачи на јанлаш црвеност, така и ВМРО-ДПМНЕ не се сосем кафеави, практично, таа страна, не долго пред падот на првиот шеф (Љубчо Георгиевски) е повеќе бизнис фирма и административно биро и скоро да нема идеологија. Ја има само старата, збајатена национал – шовинистичка идеологија од времето на Георгиевски. За ЕУ се како на тезга, ја ставаат ЕУ како тегче на тасот во кој на другата страна е објектот на Белата палата изграден од искрадениот буџет.

Но и такви, анемични во својата антилибералност, за малечка држава, овие две партии се отров за државата скоро во оригиналната црвено-кафеава смисла. Со злоупотреба на парламентарната моќ ја спречуваат целата држава да влезе во ЕУ. Со лаги и лажна загриженост од говорница дека Македонија божем прави стравотна отстапка која би ја загрозила. А самите водат тефтери и пуштаат пораки за стрелања и паѓања глави. Црвено-кафеав говор.

Црвено-кафеавите автори се јавија исто така по медиуми и си ја тераат црвено-кафеавата пропаганда. На пример, четивото на Ванковска од пред две недели со антиамериканскиот слоган, помислив дека е од Апасиев. Ќе беше интересно да видиме што суштински смета(ат) дека САД нам ни штети. Ќе беше интересно, ама не изложува(ат) мисла, празно е. „Империјализмот“ кој се обидува(ат) да го аргументира(ат) е со бајати параметри, од пред Студената војна, а ние не сме во околностите на Источна Германија или СССР тогаш. Плус, Маршаловиот план, кој авторката се сецнува да не го спомене во контекстот, е всушност поинтересниот дел кој има извесна кореспонденција со нашата ситуација во однос на присуството на САД.

Така, мене, лично, во обид да ги разберам, нивниот антиамерикански наратив ми изгледа прилично неинспиративен. Толку зборови користат, за само да повторат „Американци, оставете нѐ раат во нашиот свињарник и гледајте си го вашиот“ без ни трошка поддршка за тоа со барем малку од нивното стручно знаење.

А се јави и нашиот свињарник, тоа се оние 3% од анкетата, кои САД и ЕУ упорно нѐ тераат да си ги средиме и тука се гледа зошто црвено-кафеавите си сакаат свињарник, ама „наш“. На кафеавите добро им е со кафеаво судство, а на кафеавото судство му е добро да нема поим од својата работа, бидејќи – помалку работа, а повеќе услуги. Што ќе им е помош да работат, бог да чува. Што ќе им се на кафеавите тие здодевни САД и ЕУ. А црвените ќе помогнат во Собрание за да ги откачат, па после, рака – рака мие.

Дека на Македонија, како држава со институции кои треба да функционираат, ѝ треба помош – ѝ треба. Дали ЕУ и САД се мешаат во суверенитет ако кажуваат како нешто се прави за да функционира? Дури и ако поконкретно интервенираат, тоа нема врска со националноста, туку со крадливоста. Нивните мотиви, колку и да се егоистични, во основа се широко алтруистички – за повисока цел, за сите. Повисоко ниво на Маршалов план.

Еве, да си замислиме, каква ќе биде 2123 г? Не е грешка, не 2023 г. Човечкиот вид треба да стане технолошки развиена Тип I цивилизација со достапност за вселенски ресурси, не да се врати во камено време. Со разни диктаторчиња ваму и таму што ги тераат луѓето да се испотепаат за измислени ветришта и магли, се враќа само на пештерски човек. Дури и сегашната технологија бара повисоко ниво на индивидуална свест за сам себе, отколку бедна псевдосвест преку некој колективен контејнер на припадност (како нација, на пример).

Дали некој забележал дека антилибералноста и авторитарноста под црвено-кафеавиот чадор не дозволува разни видови на слободи на човекот, на изразување на сам себе? Луѓето со автентична свест за самите себе, да мора да се плашат за сопствениот живот кога има ваков диктатор? А од друга страна, авторитарецот не работи на ресурсите, туку само ги граба и стимулира грабање – кој не граба сам си е виновен, може и да умре: Алтруизмот, солидарноста се предмет на подбивање за црвено-кафеавата идеологија.

Кој мисли дека со „цврста рака“ на еден антилиберален националист – авторитарен диктатор ќе му биде подобро, е исто како да верува дека подобро од лебот на маса му е тортата што гулабите му ја прават на кровот. Колективистичките идеологии, како комунизмот и фашизмот, виртуелно креираат (за себе и своите приврзаници) некој вид на надворешен притисок врз основа на типовите на дискриминација. Тој притисок има улога на сад или надворешна корка која ќе ги собере и задржи, како буре со расолница плус неколку авторитарни зелки, па нивното доживување на „предавници“ со поинакво мислење е слично како чувството на некаква жива течност која цури низ дупче од садот.

Притисокот со основа од дискриминациите кој го формира бурето на колективот е доволно силен, за секоја индивидуа од тој колектив да е комотна да си ја тргне од себе својата различност од другите и да се конформира, без потреба од особена свест за сам себе. Свеста за сам себе му пречи, во суштина, бидејќи концептот за себе директно му наметнува и свест за (непријатната) индивидуална одговорност. Една искуствено недоволно развиена структура на внатрешна свест за самиот себе, може и да ја застраши со  осаменост. Така, конституентите на групата не се заинтересирани за индивидуални граници, бидејќи имаат на масата понуда за полесен пат – самоодржувањето во однос на безбедност е обезбедено (исклучиво) во групата. Но, во однос на ресурси, групата ја остава индивидуата на цедило (оставајќи ја убедена дека така треба) – ја принудува секоја индивидуа да си го зајакнува егоизмот. За способноста да се преживее поставува стандард да се мери со егоизам и на тој начин, алтруизмот им изгледа како несолена шега. Но, не само што еволуцијата докажала дека развојот е можен само со алтруизам, а не со егоизам и дека егоистичните пропаѓаат како од клетва, туку во пракса, тековно докажуваат дека   зајакнувањето на егоизмот го реализираат во облик на стеснување на алтруизмот само кон своите од групата, кон своите од семејството, до самите себе – тоа е сингуларитетот кој ја прави алхемијата алтруизмот да стане егоизам. Затоа и свеста за самиот себе е важна за насоката на алхемијата. Алтруизам кон групата или семејството имаат и животните, зар да се враќаме толку назад? Проактивноста на самосвеста потопена во просоцијалност произведува креативна моќ, а тоа е валутата со која либералните демократии произведуваат успех. Капитализмот е само згодна алатка за конверзија, но  можеби и еквивалент на југословенскиот социјализам кој, како идеологија е со слични елементи на либералноста, би дошол до истото, доколку би бил поимун на вирусите на авторитаризмот, доколку водството е доволно либерално и широко, повеќе од Титовото беневолентно диктаторство.

Така, црвено-кафеавите, ем се измамени, ем меѓу себе се мамат, ем бараат либералноста и демократијата да е толку отворена, што и неа би ја мамеле. Нема да оди тоа, бидејќи основата на широкиот алтруизам е праведноста, фер-плејот, чесноста, а црвено-кафеавите колку и да мислат дека затворени во буре имаат вишок енергија и негативна ентропија, самото буре го направиле една високо-ентрописка црна дупка, додека внатре се борат кој ќе има или кој ќе биде поголема зелка.


Извор: FRONTLINE | Текстот е личен став на Авторката. Преземањето е дозволено според лиценцата Creative Commons 4.0.
Print Friendly, PDF & Email
Tags: ВМРО-ДПМНЕДугинЕскобаркомунистичко-нацистичкаЛевицаПутинсувереностцрвено-кафеава алијанса
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • EУ испрати порака, Мицкоски молчи – Андонов со жестока критика

    183 shares
    Share 73 Tweet 46
  • Моќната ракета Томахавк ги собори Садам и Гадафи, може да го собори и Путин

    123 shares
    Share 49 Tweet 31
  • „На Ѓупците треба да им се забрани да гласаат“ – советник од десничарската МААК со скандалозен расистички испад во Неготино

    114 shares
    Share 46 Tweet 29
  • Поранешен унгарски разузнавач по неодржувањето на средбата помеѓу Трамп и Путин: Она што сега изгледа како дипломатски успех, на долг рок ќе се претвори во сериозна трагедија

    105 shares
    Share 42 Tweet 26
  • „Путин повторно го изигра“: Откажувањето на самитот во Будимпешта ја завршува фантазијата на Трамп дека ќе донесе мир во Украина

    99 shares
    Share 40 Tweet 25
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ