Меѓународната заедница мора да ги интензивира напорите за постигнување решение на конфликтот во Сирија, изјави високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел.
Во изјавата по повод 12-годишнината од протестите кои доведоа до граѓанска војна во Сирија, Борел ја повика меѓународната заедница „да ги удвои напорите за постигнување трајно и сеопфатно политичко решение за Сирија“.
Тој нагласи дека ЕУ продолжува да ја поддржува работата на специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Гир О. Педерсен.
Борел истакна дека обезбедувањето поддршка на сирискиот народ е приоритет за ЕУ, која е најголемиот обезбедувач на меѓународна помош за земјата разурната од војна.
Сепак, Борел ја отфрли можноста за нормализирање на односите со режимот на Башар ал Асад, кој е одговорен за, како што рече, „бруталната репресија“ на сопствениот народ.
„Огромните прекршувања на човековите права и сериозните прекршувања на меѓународното хуманитарно право продолжуваат да се вршат од сите страни во конфликтот, особено од сирискиот режим и неговите сојузници“, додаде тој.
Војната во Сирија однесе повеќе од 400.000 животи, додека 6,6 милиони Сиријци ја напуштија земјата, а уште 6,8 милиони луѓе живеат како внатрешно раселени лица во земјата.