Иако ослободителната офанзива на украинската армија не е започната, барем не официјално, руските окупатори веќе се дадоа во панично бегство. Ова не го тврди (само) украинската страна, ниту западните медиуми, туку самиот Пригожин, човекот што е на чело на злогласната приватна армија од платеници, Група Вагнер, кого во руската воена машинерија го инсталира самиот Путин.
Пригожин, неодамна беснееше пред камерите, опкружен со мртви тела на неговите платеници, ја обвинуваше и буквално мрсно ја пцуеше руската воена и политичка елита за неуспехот во Бахмут.
Овој град, целосно разорен од руското бомбардирање, сепак, издржа, дури и по осуммесечна крвава офанзива на Групата Вагнер, сесрдно поддржана од руската артилерија, воено воздухопловство, тенкови и пешадија.
Но тоа не му беше доволно на Пригожин. Тој, во своето најново видео обраќање (12 мај) открива дека руската војска трпи порази и бега, дека линијата на фронтот се распаѓа.
Да повториме, ова не се изјави од украински или западни извори, туку од главниот протагонист на воените дејствија во Бахмут!
Снимките што ги пренесува Си-Ен-Ен прикажуваат срамно и панично бегство на руските окупаторки сили од околината на Бахмут. Неверојатна глетка! Иако сите се надеваа на пораз на руските окупатори, хаосот и паничното бегање, онака прекутрупа, ретко кој можеше да замисли.
Само за пример, на 12 мај, украинските борци за само едно деноноќие ослободија дел од Бахмут што руските окупатори го освојуваа цели два и пол месеци!
Видео снимките откриваат и брзо повлекување и на руските воени возила, оклопни транспортери и тенкови од позициите во Бахмут.
Џ. Д.












