Владата го повлече од собраниска процедура Предлог-законот за рестриктивни мерки од како што наведе административни причини и најави дека ќе го стави на дневен ред на следната седница.
– Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија, информираа вчера од Владата.
На 221-та владина седница одржана на 16 јануари, Владата, едногласно, со консензус изрази политичка волја предложените законски измени да ги достави до Собранието.
Измените во Законот произлегоа по проширувањето на црната листа на САД. Министерството за надворешни работи минатиот месец започна јавна расправа за измени на Законот за рестриктивни мерки со кои и американската „црна листа“ ќе биде основа за воведување на мерки од државата врз лица и фирми. Предлог измените, како што најави тогаш министерот Бујар Османи, предвидуваат и воведување на два важни инструменти, институцијата предлагач да ги побара и да ги поднесе сите материјални докази до Обвинителството, а ЈО да почне постапка, вклучувајќи и конфискација на имот и доколку заврши со обвинение, се предвидува и времено спречување на вршење на јавна функција и и забрана за учество во јавни набавки доколку се работи за правни субјекти.
„Црната листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се прошири со неколку звучни имиња од земјава. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Сергеј Самсоненко, Рамиз Мерко … им се придружија на поранешнот премиер Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков. По ова, Владата во ноември минатата година, најави дека работи на иницијатива за промени на законската регулатива во однос на третманот на лица кои се на листата на санкции, така што ќе се прошири опфатот и освен ОН и ЕУ да бидат вклучени и санкциите, кои ги воведуваат САД.