Два камиони изгореа утринава во Северна Митровица, а од пожарот од нив е оштетен и патнички автомобил.
Пожарот најверојатно бил намерен, изјави за Радио Слободна Европа заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани.
Тој не даде други детали за случајот, освен дека нема осомничени и дека истрагата е во тек.
РСЕ дознава дека сопствениците на камионите се Албанци, кои имаат бизнис на големо во северниот дел на Митровица, додека оштетеното патничко возило е сопственост на Србинот Д.П.
На пожарот кој ги зафатил камионите му претходеле три експлозии.
На северот на Косово – област населена со мнозинство Срби – оваа година имаше неколку слични инциденти.
На почетокот на јуни изгореа два автомобила на истото место каде изгореа и последните камиони, додека на почетокот на април му изгоре автомобилот и на припадник на граничната полиција на Косово.
На почетокот на март изгоре и ресторан сопственост на Наташа Томаниќ, поранешна заменик-градоначалничка на општина Звечан.
Таа и локалните власти соопштија дека постои сомневање дека пожарот бил намерно предизвикан.
На крајот на март, изгоре зграда во сопственост на Ненад Радосављевиќ, поранешен директор на Управата за спорт, млади и култура во општина Лепосавиќ.
Радосављевиќ тогаш за РСЕ изјави дека верува дека мотивот за подметнувањето пожар бил политички по природа.
Во текот на 2023 година и на крајот на 2022 година, кога на север беше во тек пререгистрација на возила со косовски регистерски таблички, на тој простор изгореа неколку возила со регистарски таблички РКС (Република Косово).
Д. Т.












