ЗОРАН ИВАНОВ
Следниот пат јас ќе ја придружувам косовската претседателка на скопскиот аеродром за пак да не дојде до инцидент, кажа премиерот Мицкоски и …., и…, ама нели институциите ќе ги јакнеме и одговорностите и ЕУ вредностите овде ќе ги негуваме и нели секој ќе треба да си седи на своето работно место, секој да си одговара за функцијата што изборите и државата му ги довериле и нели тој секој требаше да се однесува и да дејствува согласно законите и нели, нели …, а вака, со ваквите кавалерски боди гард манири на премиерот излегува дека државата, оваа Нашата, тоа сум јас, односно тоа е Тој, манири налик како кај оној одамна, оној несреќник Луј кој статусно па и животно банкротираше па сега премиерот нека си мисли дали ќе мисли на косовката, дали ќе чека ситуации да ја спасува од нејзините хирови, или, во меѓувреме, ќе гаси и од ова пожариве или ќе лови мангупи што по скопска партизанска ноќе лудуваат во трки со мотори или исто таквите со ноќните ауто трки по западните магистрали, значи или ќе продолжи да се однесува суперменски, да средува сè самиот тој или, кажано во оваа една реченица, Христијан ќе си ја врши својата премиерска работа и ќе носи одлуки и мерки за да ги јакне институциите и одговорностите на одговорните во нив или и натаму ќе се мести да ја спасува Вјоса од инциденти по македонските аеродроми игнорирајќи го притоа фактот дека таа за помош не му се јавила нему, на премиерот, туку му се јавила на друг, на спикерот па, оттука, мислам, само мислам дека можеби ќе е поумесно таму кај неа веќе да не се турка зашто е очигледно дека, ако некој треба да ја спасува, дамата си одбрала да ја спасува Африм – а не Тој.