„ВМРО-ДПМНЕ и Владата имаат должност да го информираат Собранието и пратениците кои се следните чекори во однос на ЕУ интеграциите откако целосно го закочија процесот а Албанија се одвои од Македонија на патот кон ЕУ“, соопшти СДСМ.
„Граѓаните не смеат да останат без јасна перспектива, ниту ВМРО-ДПМНЕ има право еднострано да ги прекинува преговорите, без јасно да каже што е алтернативата. Тие ветуваа подобри услови во преговорите, ветуваат промена на преговарачката рамка, ветуваа мудра дипломатија. Од тоа засега нема ништо и не смеат понатаму да продолжат на овој начин, без план и без стратегија.
Ако се откажани од ЕУ интеграциите, треба да кажат која алтернатива ја нудат за долгорочен развој на државата, велат од СДСМ. Ако не се откажале, пак, опозиционерите очекуваат од ВМРО-ДПМНЕ да соопшти кој е планот, кои конкретни чекори се преземаат, кои се роковите и што може да очекуваат граѓаните по однос на ова прашање.
„На затворената седница очекуваме да изложат детални информации за тоа кои членки ја поддржуваат идеајта на Владата за промена на преговарачката рамка, да кажат зошто стратешкиот партнер Унгарија гласаше за одовојување на Албанија и Македонија и кои се дипломатските стратегии со кои планираат да ја подобрат позицијата и откочат преговорите“, се вели во соопштението.
СДСМ соопшти дека ќе делува контруктивно во Собранието и вети дека „ќе ја поддржи секоја искрена идеја да се надмине оваа состојба на статус кво во која сме доведени“.
„ВМРО-ДПМНЕ мора да сфати дека не е веќе опозиција и да демонстрира лидерство и визионерство наместо да ги гледа тесно партиските интереси“, велат од СДСМ.
Мицкоски денеска од Криволак, каде што присуствуваше на воена вежба, одговори кратко на новинарско прашање, дека неговата партија ќе го анализира предлогот на СДСМ и потоа ќе донесат одлука како ќе постапат.
„Мора Венко Филипче и нешто да каже. Сега тој одбрал тоа да го каже. Во ред, еве, ќе го анализираме предлогот на г-динот Филипче и брзо ќе дадеме одговор на овој предлог“, изјави Мицкоски.
Б. Ј.