Крајна осуда за етничката омраза во коментари за Ромите, но и за изјавата на премиерот Мицкоски за Албанците, 25 години ЦИВИЛ, како и престижната новинарска награда за новинарот Дестан Јонузи, се само дел од ексклузивните разговори на уредничката екипа на ЦивилМедиа, Фронтлајн и Нова во шестото издание на КОЛЕГИУМ што го водеше Џабир Дерала.
Манипулациите со јавниот превоз ни најмалку не се наивни. Овој голем проблем останува во фокусот на јавноста и на новинарската екипа претставена во подкастот. Уредникот Дехран Муратов зборуваше и за протестот на жителите на Шуто Оризари, студентите и средношколците и потребата од граѓанско будење за дрските манипулации со граѓаните – на нивна сметка. Раните предизборни популистички потези на власта беа меѓу најжестоко коментираните теми во КОЛЕГИУМ на ЦИВИЛ. Со многу факти, но и со иронија, уредниците ги коментираа политичките игри.
Муратов пред колешките и колегите ја сподели и информацијата за тоа дека протестот на жителите на Шуто Оризари бил дочекан со говор на омраза на сметка на ромската заедница. ЦИВИЛ и учесниците во КОЛЕГИУМ најостро го осудија говорот на омразата против Ромите. Тие ја потсетија јавноста дека токму државата има обврска да го спречи говорот на омразата, особено затоа што во овој случај се работи за кривичното дело „национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост“ кое според член 319 од Кривичниот законик се казнува со затвор од една до пет години.
Според уредничката Диана Тахири, речиси незабележано во јавноста помина и изјавата на премиерот Мицкоски за тоа дека Албанците во Македонија ќе продолжат да играат „Шота“ како „гаранција“ дека нема потреба од загриженост за употребата на албанскиот јазик. Како ја коментираат уредниците во КОЛЕГИУМ оваа крајно дискриминаторска и подбивна изјава на Мицкоски може да се види во видеото.
Уредничката Биљана Јордановска кратко се осврна на изборните теми, а сподели и повеќе интересни информации за светскиот самит за климатските промени, КОП29, од каде што пристигнува веста дека богатите ќе издвојат 300 милијарди долари за сиромашните, да им помогнат да се справат со последиците од овој глобален еколошки проблем.
Уредникот Зоран Иванов сподели и неколку совети како да се заштитат корисниците на социјалната мрежа Х од манипулации и измами, како и тоа дека Европската федерација на новинари ја следеше иницијативата на лондонски „Гардијан“ да ја напуштат оваа токсична социјална мрежа.
Дестан Јонузи, новинар и аналитичар на Фронтлајн, како и сопственик на Прес онлајн на македонски и албански, зборуваше за престижната новинарска награда „Ванѓуш Гамбета“ за најдобро економско известување во печатени и онлајн медиуми во Северна Македонија. Уредникот Јане Ѓорѓиоски се надоврза на ироничните забелешки дека „ЕУ ќе нè храни, а НАТО ќе нè брани со“ – а Мицкоски ќе нè вози. Со тој наслов излезе и сатира на Фронтлајн денеска.
Овие и низа други теми беа дел од едночасовниот видео подкаст КОЛЕГИУМ – неделна информативна платформа.
Погледнете го или само преслушајте го видеото и испратете ваши предлози за теми.
Учествуваа: Членовите на редакциите ЦивилМедиа, Фронтлајн и Нова
Реализација: Ариан Мехмети