Германскиот канцелар Олаф Шолц го отфрли „надворешното“ мешање во изборите во земјата, инсистирајќи на тоа дека Германците сами ќе одлучуваат за нивната демократија, возвраќајќи на коментарите на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс еден ден претходно, објави Си-ен-ен, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
Венс одржа остар говор на конференцијата за безбедност во Минхен во петокот, во кој користејќи полувистини се осврна на европските сојузници и ги обвини дека ја потиснуваат слободата на говорот, ја губат контролата врз имиграцијата и одбиваат да работат со тврдо-десните партии во владата.
Публиката очекуваше да слушне за плановите на администрацијата на Трамп да стави крај на војната во Украина, но наместо тоа се соочи со предавање од Венс, кој им кажа на европските лидери дека најголемата закана за нивната безбедност е „од внатре“.
По неговиот говор, Венс се состана со ко-лидерот на Алтернатива за Германија (AfD) Алиса Вајдел на маргините на конференцијата, според портпаролот на Вајдел.
Тие се состанаа во хотелска соба околу 30 минути и зборуваа за војната во Украина и германската политика, рече портпаролот. Екстремно десничарската, антиимиграциска партија расте во анкетите пред изборите следната недела.
Стоејќи на истата сцена како Венс, Шолц ги отфрли коментарите на американскиот потпретседател и инсистираше на тоа дека Германија нема да прифати странско мешање во нејзината внатрешна политика.
„Заложбата за „никогаш повеќе“ не може да се помири со поддршката за AfD“, рече Шолц пред публиката во главниот град на Баварија.
„Нема да прифатиме странци да интервенираат во нашата демократија, на нашите избори, во демократското формирање мислење во корист на оваа партија“, продолжи тој, додавајќи дека тоа особено не треба да се случува „меѓу пријателите и сојузниците“.
Левичарската Социјалдемократска партија на Шолц, како и другите мејнстрим партии во Германија, ја отфрлија можноста за соработка со АфД, во став кој стана познат како „огнен ѕид“.
Исто така, за време на неговиот говор, Шолц предвиде дека идната берлинска влада ќе ја олесни таканаречената должничка кочница на земјата, со цел да троши повеќе за одбраната и безбедноста. Германската должничка кочница е уставен член што ја спречува владата да се задолжува прекумерно и да трупа долгови.
Германската влада минатиот месец рече дека ја исполнила целта на НАТО да потроши 2% од својот БДП за одбрана – ова сепак значително паѓа во однос на новото барање на администрацијата на Трамп од 5%.
Подготви: Д. Мишев