Иницијативата „Кој е следен?“ ги повикува сите граѓанки и граѓани на јавен собир во чест на починатите во пожарот во Кочани, кој ќе се одржи денес на 18ти март на плоштадот Македонија во Скопје со почеток од 18 часот.
„Македонија повторно е завиена во црно. Уништени и во грч седиме пред екраните во исчекување на нова поголема бројка, во исчекување на нова поголема тага. 59 млади лица не го видеа денешниот ден. Дупло повеќе се во болници и тешко повредени. Ние, како и децата во дискотеката, сме повторно беспомошни и оставени сами на себе. Во овие траорни денови, Македонија треба да биде заедно. Треба да си бидеме рамо за плачење и треба да си дадеме еден на друг утеха, ако воопшто и можеме“, стои во најавата за јавниот собир на кој повика неформалната група „Кој е следен?“ преку нивната Инстаграм страницата.
Од „Кој е следен“ повикаа на заедништво во ужасот и ги повикаа сите луѓе низ цела Македонија утре во 18 часот да се соберат на плоштадите во своите градови и, како што рекоа, да не поминуваат низ ова сами.
„Повикуваме во чест на починатите да се поделат црни ленти, за како народ да покажеме дека згаснатите животи нема да бидат заборавени. Тек допрва ќе доаѓаат црните денови за нас, а низ Македонија заедно ќе се тагува и плаче. Така, ќе треба и Македонија заедно да се лечи“, се посочува во најавата за собирот.
Истовремено, организаторите апелираат да не се блокираат улиците за да може медицинските возила да се движат без пречки во сообраќајот.
М. Д.