Веднаш по затворањето на избирачките места во Србија, на 25 октомври, ЦИВИЛ организираше постизборна дискусија во живо посветена на изборните случувања, високата излезност, студентското движење, нерегуларностите и можните политички последици за Србија и Западен Балкан. Разговорот траеше речиси два часа, во исклучително динамична изборна вечер, во која Александар Вучиќ го призна изборниот пораз.
Во дискусијата учествуваа новинарот и аналитичар Љубомир Костовски, претседателот на СДА Македонија Џелал Хоџиќ, колумнистот и специјален известувач од Белград Марко Маневски и Џабир Дерала, главен и одговорен уредник на ЦИВИЛ МЕДИА.
Изборен ден со висока излезност, нерегуларности и насилни инциденти
Разговорот започна со осврт на изборниот ден, кој беше одбележан со исклучително висока излезност, долги редици пред избирачките места, но и бројни пријавени нерегуларности и насилни инциденти.
Маневски, кој во текот на целиот ден известуваше директно од Белград, ги пренесе своите теренски согледувања за атмосферата меѓу граѓаните, нивната решеност да гласаат и промените во политичкото расположение.
Особено внимание беше посветено на студентското движење, меѓугенерациската солидарност и значењето на граѓанската мобилизација по речиси две години протести.
Учесниците разговараа и за документираните изборни неправилности, насилството во повеќе градови, движењето на Жандармеријата и загриженоста околу можните постизборни тензии.
Вучиќ го призна поразот
Додека се одвиваше изборната вечер, пристигна и веста дека Александар Вучиќ го признал поразот на неговата изборна листа.
Според првичните проекции на Ипсос и ЦеСИД, Студентската листа освоила околу 52 проценти од гласовите и 138 пратенички мандати, додека листата предводена од Вучиќ добила 39,3 проценти и 104 мандати.
Вучиќ изјави дека неговата листа ги загубила изборите, повикувајќи се на прелиминарните проценки. Конечните официјални резултати допрва треба да бидат потврдени.
Што следува за Србија и Западен Балкан?
Во дискусијата беа разгледани и можните политички последици од изборниот исход – од формирањето нова влада и институционалните промени до иднината на демократијата, европските интеграции и регионалните односи.
Посебно внимание беше посветено на Северна Македонија и на прашањето како политичките промени во Белград би можеле да се одразат врз односите во регионот, руското влијание и европската перспектива на Западен Балкан.
Што се случи на изборите во Србија? Што откриваат резултатите за политичкото расположение на граѓаните? Дали следува демократска трансформација и со какви предизвици ќе се соочи новата власт?
Ова се дел од прашањата во големата постизборна дискусија на ЦИВИЛ која започна само неколку минути по затворањето на избирачките места и го проследи развојот на ситуацијата во живо, вклучувајќи ја и објавата на поразот на српскиот автократ.
Редакција ЦИВИЛ МЕДИА











