ПАНЧЕВО, 25 октомври 2026 – Група маскирани мажи вооружени со метални шипки и пиротехнички средства нападнала неколку млади луѓе пред Земјоделското училиште „Јосиф Панчиќ“ во Панчево, каде што се наоѓа избирачко место. Во нападот има повредени, а полицијата интервенирала на местото на настанот.
Снимки од нападот објавија локалните медиуми, а ги пренесоа независните српски редакции Н1, Нова.рс и Инсајдер.
На видеоснимките се гледа група мажи во црна облека, со качулки и маски на лицата, како напаѓаат други лица. На една од снимките се гледа и млад човек со раскрвавено лице.
Потпретседателката на Странката на слободата и правдата (ССП), Мариника Тепиќ, објави снимка на социјалната мрежа Икс, тврдејќи дека нападнатите млади луѓе штотуку излегле од гласање.
Според информациите на независниот портал „Машина“, нападнатите биле контролори на Студентската листа, а повеќемина добиле удари во пределот на главата.
Полицијата интервенирала, обвинителството го истражува случајот
Од полицијата во Панчево за „Инсајдер“ потврдиле дека полициски службеници излегле на терен, разговарале со оштетените и со можните сведоци, а повредените биле упатени во болница.
Основното јавно обвинителство во Панчево соопштило дека се работи на идентификација на учесниците и утврдување на повредите, по што ќе следува правна квалификација на делото.
Засега не е утврден идентитетот на напаѓачите, ниту евентуалната нивна поврзаност со политички организации.
Инцидентот се случува во атмосфера на висока излезност и бројни пријавени изборни нерегуларности низ Србија. Независните набљудувачи претходно предупредија на нарушување на тајноста на гласањето, притисоци врз гласачите и други неправилности.
ЦИВИЛ МЕДИА продолжува да ги следи настаните и информациите за изборниот интегритет во Србија.
ВИДЕО: Мариника Тепиќ / Икс
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.











