БЕЛГРАД, 25 октомври 2026 – Физички судири и тензии се регистрирани во Лазаревац, каде што голем број граѓани се собрале пред просториите на владејачката Српска напредна странка (СНС). Истовремено, независните српски медиуми известуваат за движење на колона возила на Жандармеријата кон Белград и присуство на специјализирани полициски возила во центарот на главниот град.
Судири и тензии во Лазаревац
Според независниот српски портал Нова.рс, во попладневните часови дошло до физички судир во близина на просториите на СНС во Лазаревац.
По инцидентот, голем број граѓани се собрале пред партиските простории, додека полицијата го обезбедувала објектот.
Присутни граѓани тврдат дека во просториите имало лица вооружени со палки, а во близина биле забележани и автомобили во кои наводно се наоѓале предмети што можат да се употребат за физички напад. Овие тврдења засега не се официјално потврдени.
На социјалните мрежи се објавени видеоснимки на кои се гледаат собири на граѓани, тензична атмосфера и полициско присуство.
Точните околности на судирот и одговорноста на учесниците допрва треба да се утврдат.
Жандармериски возила на пат кон Белград и во центарот на градот
Според регионалниот портал ЈУГпрес, кој пренесува информации од Н1, на автопатот Ниш – Белград била забележана колона од приближно 20 возила на Жандармеријата, кои се движеле кон српската престолнина.
“Стижу нам појачања из Ниша да чувају вољу и гласове народа. Ако није тако, шта је онда ?
Чија је ово Жандамерија ? Народна ?
Видећемо вечерас кад се преброје гласови…” https://t.co/QA7T0HgclK— ꒌ Само Студенти Србију Спашавају ꒌ (@KosovoJeSrbija0) October 25, 2026
Во меѓувреме, во центарот на Белград се снимени повеќе специјализирани полициски возила наменети за контрола и потиснување демонстрации.
Возилата биле забележани на раскрсницата „Лондон“, меѓу улиците Кнеза Милоша и Краља Милана, од каде што се движеле кон Теразие. Според Нова.рс, тие минале низ дел од градот во кој сообраќајот претходно бил ограничен со полициски бариери.
Видео снимката ја објави аналитичарката Ивана Страднер на социјалната мрежа Икс. На снимката се гледа движење на специјализирани полициски возила низ централно градско подрачје, што одговара на локацијата за која известуваат српските медиуми.
Vucic is resorting to typical intimidation tactics during Serbia’s elections just like his mentor Milosevic during the 90’s. But the Serbs aren’t afraid and they are ready to fight back this evening. https://t.co/NZ7U0jg3T3
— Ivana Stradner (@ivanastradner) October 25, 2026
Страднер го оценува распоредувањето како тактика на заплашување, повлекувајќи паралела со практиките на власта на Слободан Милошевиќ во 1990-тите.
Сепак, засега нема официјално објаснување за оперативната цел на движењето на возилата, ниту независна потврда дека станува збор за подготовка за интервенција против евентуални постизборни протести. Исто така, не е утврдено дали снимките од автопатот и од центарот на Белград прикажуваат исти возила.
Присуството на Жандармеријата предизвикува дополнително внимание во атмосфера на висока излезност, бројни пријавени изборни нерегуларности и насилни инциденти во различни делови на Србија.
Избирачките места се затвораат во 20 часот, по што се очекуваат првите проценки за изборните резултати.
Џ. Дерала











