Повеќе од 420.000 хакирани електронски пораки од германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) откриваат информации што ја доведуваат во прашање веродостојноста на претходните изјави на партиската лидерка Алис Вајдел за нелегални донации во изборната кампања во 2017 година, јавува Ројтерс.
Документите, објавени на интернет на 19 октомври, се предмет на истражување на германскиот неделник „Шпигел“, телевизијата ЗДФ и австрискиот весник „Дер Стандард“.
Според нивните наоди, Вајдел знаела за најавени донации за нејзината изборна кампања уште во јули 2017 година, иако подоцна јавно тврдеше дека за спорните средства дознала дури во септември.
Во електронска порака од 10 јули 2017 година, Вајдел ја известила партиската благајничка дека очекува донации за финансирање на кампањата на социјалните мрежи и побарала редовно следење на банкарската сметка.
Само четири дена подоцна започнале уплатите од Швајцарија, кои достигнале вкупно 132.000 евра.
Донациите биле прогласени за незаконски бидејќи германското законодавство забранува одредени облици на финансирање на политичките партии од земји надвор од Европската Унија. АфД била казнета со 396.000 евра.
Портпаролот на Вајдел ги отфрли сомнежите, тврдејќи дека таа разговарала со потенцијални донатори, но не знаела дека конкретните спорни уплати ќе бидат извршени. Претходната кривична истрага против Вајдел била запрена во 2021 година поради недостиг од докази.
АфД потврди дека била цел на хакерски напад, но не ја потврди автентичноста на сите објавени пораки. Партијата ги повика медиумите да не шират украдени податоци.
ЦМ Деск











