Приведен екс-градоначалникот на Општина Долнени, Џемаил Ќамили, од ДУИ, а по неговиот син Абдула Ќемаили се трага кој со пушка и пиштол пукал среде населено место и тоа го објавил на социјалните мрежи.
„Џ. Ќ. е лишен од слобода, а се преземаат мерки за пронаоѓање на неговиот син А.Ќ. и за расчистување на случајот“, се вели во соопштението на МВР.
По видеоснимка објавена на социјалните мрежи на која се гледа како маж пука од огнено оружје, од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека по преземените мерки е уапсен жител на селото Црнилишта во Општина Долнени, а се трага и по неговиот син.
На видеото што првично е објавено на социјалните мрежи, а кое и МВР го објави, се гледа како маж прво испукува неколку куршуми во воздух од пушка, а потоа и од пиштол.
Во врска со случајот, како што информираат од Министерството, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи (ОВР) Прилеп заедно со нивни колеги од Секторот за внатрешни работи СВР Битола вчера извршиле претрес во домот на 51-годишниот Џ.Ќ. во селото Црнилиште, каде што пронашле неколку парчиња оружје што тој ги поседувал со дозвола.
„При претресот пронајдени се три парчиња оружје кои ги поседува со дозвола и тоа, полуавтоматска ловна пушка, репетирачки карабин и полуавтоматски пиштол, како и 395 куршуми различен калибар, 17 парчиња ловен патрон и еден ресивер поврзан на видеонадзор инсталиран во домот“, се наведува во соопштението на МВР.
Пронајденото оружје е одземено поради сомнение за извршено кривично дело од членот 288 од Кривичниот законик, во кој е санкционирано делото предизвикување општа опасност.
Покрај одземањето на оружјето, од Министерството за внатрешни работи велат дека ќе следува постапка за одземање на дозволата за поседување оружје на лицето.
Фото: Принтскрин од видеото кое го објави МВР