Петтото издание на Скопскиот поетски фестивал почнува денеска со настап на поетот Алеш Штегер и музичарот Јуре Тори од Словенија со кој ќе ја промовираат стихозбирката „Над небото, под земјата“ од Алеш Штеґер. Стихозбирката е препеана од словенечки на македонски од Драгана Евтимова, во издание на „Перун Артис“, Битола. Настанот ќе се одржи во кино „Фросина“.
Подоцна во текот на денот, во рамки на фестивалот, во галеријата на Младинскиот културен центар ќе се одржи отворање на изложба на парфеми дизајнирани од Нихат Оздал од Турција.
Вечерва во кино „Фросина“ ќе се одржи официјалното отворање на фестивалот, а учесници ќе бидат Аксинија Михајлова од Бугарија, Алеш Штегер од Словенија, Нихат Оздал од Турција, Весна Ацевска, Никола Маџиров, Шаип Емерлаху, Гордана Михаилова Бошнакоска и младиот поет/поетеса што ќе биде избран на „Отскочна даска #4“.
Потоа, во кино „Фросина“ ќе се одржи проектот „Поетроника“. Станува збор за суптилен и културолошки значаен проект настанат како резултат на интензивната соработка на двајца исклучително квалитетни мултимедијални уметници, Оливер Митковски и Андреја Салпе, што вешто спојува иновативен начин на интерпретација на македонска поезија со извонредна, автентична и авангардна музика.
Скопскиот поетски фестивал ќе се одржува до 26 април на неколку локации, во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“ и Галерија), во кафе-книжарницата „Буква“ и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје.
Како што е најавено, ќе гостуваат поети од пет држави, а ќе настапат и триесетина домашни поети. Од странство доаѓаат автори од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија и од Бугарија.
Мотото на годинешниот фестивал е „Од ритам до алгоритам“ („Поезијата е ритам ‒ од срцата в гради до пулсот на градот. / Јазикот е алгоритам ‒ со кодови го храни за смислата гладот“).
-Со ова мото сакаме да го одбележиме нашиот мал јубилеј ‒ пет години СПФ, но и да го поврземе со големиот јубилеј 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Автор на постерот е Андреј Павлов, соопштија организаторите.
Како преднастан на фестивалот и оваа година во кафе-книжарницата „Буква“, на 12 април се одржа настанот за млади поети „Отскочна даска #4“, на кој настапија единаесетмина млади поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години.
Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и Традуки, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје, „ПНВ Публикации“ и хотел „Цара 1928“. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Умно, Кајгана и Култура Бета.
Фото: Плакат