„ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Дали ќе има правда за жртвите од пожарот во Кочани?“ – ова беше прашањето поставено на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ. Одговорите на граѓаните се повеќе од јасни: недовербата во правосудниот систем и институциите достигнува врв.
Најголем дел од коментарите одекнуваат со разочараност и песимизам. „Многу тешко, гледаме во која насока оди истрагата. Сите се виновни, само виновните не“, вели еден од коментаторите. Друг додава со иронија: „Ќе има, ако обвинителите се од Брисел.“
Коментарите укажуваат на општо чувство дека правдата во Македонија е селективна и дека, дури и кога се случуваат трагедии со човечки жртви, политичките интереси и корупцијата доминираат над правдата и одговорноста. „ДПМНЕ уапси многу луѓе, ама нема да осудат никого. Ќе направат да се заборави“, напиша еден корисник, додека друг вели: „Жално према семејствата, но нема да има правда. Сите се како црева врзани и ако почнат да одмотуваат ќе излезат на површина многу гнасни работи.“
Некои коментари се особено емотивни: „Прежално дури и во војна смртта е полесна бидејќи е очекувана, а вака цел град уништија. Ејјј политичари и функционери гн***…“ Овие зборови ја рефлектираат длабоката болка и фрустрација кај граѓаните кои се чувствуваат изневерени.
Иако преовладува скепцизмот, неколкумина сè уште веруваат дека промена е можна. „Да, но само со жесток притисок врз корумпираната власт. Без тоа нема да има,“ истакнува еден од коментарите, сугерирајќи дека само активен граѓански ангажман и континуиран притисок може да донесат резултати.
Слична е и пораката во уште еден коментар: „Правдата за жртвите од пожарот во Кочани е нешто на што многумина се надеваат, но дали тоа навистина ќе се случи останува неизвесно… Ако правдата треба да биде целосно задоволена, тоа би можело да открие синџир на небрежност и соучесништво…“
Истовремено, некои укажуваат на мрачна традиција на неказнивост во државата: „Колку што имаше за Тетово, Дурмо и Беса“, алудирајќи на претходни трагедии каде што одговорноста не беше целосно адресирана.
На крајот од денот, јасна е пораката од народот: надежта за правда постои, но таа е сè помалку заснована на верба во системот, а сè повеќе на надежта дека јавноста ќе остане будна и гласна.
За сите коментари повелете оригиналниот пост на Фејсбук пејџот на ЦивилМедиа.
А.М.