Премиерот на Полска, Доналд Туск по едногодишната истрага изјави дека руските тајни служби го организирале големиот пожар при што целосно беше уништен трговски центар во Варшава во мај 2024 година.
– Сега со сигурност знаеме дека големиот пожар на улицата Маривилска е резултат на палење нарачано од руските служби. Акциите биле координирани од лице кое живее во Русија. Некои од сторителите веќе се приведени, а по другите идентификувани се уште се трага, објави Туск на Икс.
We now know for sure that the great fire of the Marywilska shopping centre in Warsaw was caused by arson ordered by the Russian special services. Some of the perpetrators have already been detained, all the others are identified and searched for. We will get you all!
— Donald Tusk (@donaldtusk) May 11, 2025
Полските служби соопштија дека соработуваат и со Литванија, каде што некои од сторителите извршиле и саботажи.
Литванските обвинители во март ја обвинија руската воена разузнавачка служба за палењето на продавницата на ИКЕА во Вилнус, три дена пред пожарот во трговскиот центар во соседна Полска.
Русија негира вмешаност во пожарите.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина, Полска уапси и осуди неколку лица осомничени за саботажи, напади и подметнување пожари организирани од руските разузнавачки служби. Полска во мај 2024 година воведе ограничувања за патување на руските дипломати, обвинувајќи ја Москва за хибридна војна. Пет месеци подоцна, Варшава нареди затворање на Конзулатот во Русија во Познањ поради наводни обиди за саботажа организирани од Москва.
Во декември Полска соопшти дека е подготвена да ги затвори сите руски конзулати во доколку продолжат „терористичките акти“.
Русија во јануари возврати со затворање на Конзулатот на Полска во Санкт Петербург.
Полска, која граничи со Украина и е членка на НАТО и на ЕУ, е една од главните земји преку кои западните земји испраќаат оружје и муниција во Киев за да му помогнат во борбата против руската инвазија.