Во земјава денеска се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост и литература и заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан на поконение на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид ќе присуствува на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители. Мицкоски ќе се обрати на свечената академија „Светилник низ векови и за иднината“ што ќе се одржи во црквата Св. Софија.
Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, во Охрид се празнува и со низа други манифестации и настани. Чествувањата започнаа вчера со научна трибина, продолжуваат денеска со Меѓународен хорски фестивал на сцената на Античкиот театар, положување цвеќе пред монументалниот споменик во Градскиот парк и детски поетски фестивал, а ќе бидат заокружени вечер во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“.
Во храмовите на МПЦ-ОА, пак, се одржуваат празнични богослужби во чест на светите браќа.
Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светета црква ги прогласила за рамни на апостолите.