Американскиот технолошки гигант „Мета“ може да ги користи објавите на Фејсбук и Инстаграм од германски и други корисници на ЕУ за полнење податоци кај својот софтвер за вештачка интелигенција (ВИ) – „Мета АИ“, како што рокот за можноста за отфрлање на таа опција за корисниците истекува денеска.
Компанијата планира да ја анализира целата јавна содржина што ја споделуваат возрасните корисници низ ЕУ за да ги подобри своите ВИ-модели, освен ако корисникот активно не се спротивстави. Германскиот суд во петокот ја отфрли жалбата на агенцијата за заштита на потрошувачите во западната покраина Северна Рајна-Вестфалија, којашто ја обвини „Мета“ за кршење на правилата на ЕУ за заштита на податоците.
Судот утврди дека користењето на податоците на „Мета“ служи за легитимна цел што не може да се постигне со помалку наметливи методи и истакна дека компанијата ветила дека ќе ги филтрира чувствителните податоци како што се имиња, телефонски броеви и детали за сметки.
Разговорите на „Ватсап“ остануваат исклучени поради шифрирањето, но разговорите со ВИ-помошникот на „Мета“ се сметаат за јавни и може да се користат за учење.