Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, пристигна во Москва, каде што ќе учествува на 13-от меѓународен состанок на високи претставници задолжени за безбедносни прашања.
„Тука сум, повторно“, напиша Додик на социјалната мрежа X, пренесе Н1.
Додик се согласи да учествува на 13-от меѓународен состанок на високи претставници задолжени за безбедносни прашања, објави претходно руското Министерство за надворешни работи на својот Телеграм канал.
Секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, закажа билатерална средба со Додик, објави московски „Ведомости“.
Според министерството, 13-тиот состанок ќе биде фокусиран на дискусија за глобалните и регионалните безбедносни прашања, „чиешто решение бара заеднички координирани напори на целата меѓународна заедница“.
На форумот ќе присуствуваат претставници на Индија, Никарагва, Виетнам, Северна Кореја, Тајланд, Иран, ОАЕ, Алжир и други делегации.
Инаку, од страна на Судот на Босна и Херцеговина е издадена централна потерница за Додик и неговите најблиски соработници Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ.
И покрај ова, Додик ја преминал државната граница неколку пати без никакви проблеми.
Д. Т.