Велика Британија и Франција се согласија за прв пат да ја координираат употребата на нуклеарно оружје за да ја одбранат Европа од „екстремни“ закани, пишува Телеграф.
Во декларацијата потпишана за време на државната посета на Емануел Макрон на Велика Британија, францускиот претседател и Сер Кир Стармер ветија дека ќе соработуваат „поблиску од кога било досега“ за нуклеарно одвраќање.
Со растечката закана од Русија, договорот им отвора врата на двете нуклеарни сили во Европа да го координираат распоредувањето на нуклеарни подморници и борбени авиони за време на криза.
Според Телеграф, Во последните месеци, Германија ја повика Франција поексплицитно да се посвети на одбраната на остатокот од Европа, поради загриженоста дека Доналд Трамп е подготвен да го намали присуството на американската војска на континентот.
Франција е дел од НАТО, но традиционално одржува целосно независна нуклеарна позиција, додека британското одвраќање претставува клучен дел од одбранбената стратегија на алијансата.
Новата декларација меѓу Велика Британија и Франција сугерира дека Париз ќе ја омекне таа позиција за да соработува со Лондон во планирањето. Во неа се вели дека нуклеарните арсенали на двете земји „остануваат независни, но можат да се координираат и дека не постои екстремна закана за Европа што не би предизвикала одговор од двете нации“.
Британското министерство за одбрана изјави дека ова значи дека „секој противник што ги загрозува виталните интереси на Велика Британија или Франција може да се соочи со силата на нуклеарните сили на двете нации“.
Д. Т.