Секој петок, во утринските часови граѓанките и граѓаните го препознаваат слободниот простор на ЦивилМедиа, и без задршки имаат можност преку коментари да испратат пораки, искуства но и критики до властите, институциите, политичарите, а според досегашните одговори, тие тоа го прават на јасно артикулиран начин, со директни пораки и сугестии.
Целта на петочниот Граѓански форум на ЦИВИЛ е да им се обезбеди на граѓанките и граѓаните безбеден и слободен простор ( каков што впрочем со години е ЦИВИЛ) во кој тие ги изразуваат своите грижи, споделуваат искуства и им порачуваат на властите каде можат да се поправат, каде им се грешките, да прашаат за решенија на евентуални горливи проблеми, а во исто време тие пораки и сугестии да бидат јавни, и неподложни на цензура или прикривање.
ГРАЃАНСКИ ФОРУМ ( ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ): Што сакате да им порачате на властите?
Што им порачаа овој пат граѓаните на властите
Редовната порака „ да си одат“, не изостана ни изминатиот петок. Граѓаните бараат и предвремени избори, меѓу другото.
„Да си заминат што побргу, не ги бива“.
Не изостанаа ниту саркастични пораки во стилот: „Да ја зголемат цената на струјата, цените во маркетите, да ги намалат платите на работниците во приватниот сектор“…
Граѓаните порачуваат дека кандидатите за јавни функции треба да бидат независни, односно да не бидат партиски.
Бараат да признаат дека имаат бугарско државјанство, и што поскоро да се отвори патот кон членство во ЕУ.
На пратениците им порачуваат да се откажат од патните трошоци и со тие средства да купат противпожарна опрема.
Една година да примаат минимална плата, гласи една од пораките.
Редакцијата на ЦивилМедиа е отворена за граѓанките и граѓаните не само во петок, туку и секој ден од неделата, да споделат свои пораки, прашања, грижи и искуства, било во коментари или во пораки, и им заблагодарува за довербата, отвореноста и директниот настап. Ве очекуваме секој ден, а во специјализиран простор – секој петок во Граѓанскиот форум.
Сите прашања на денот може да се најдат во рубриката ФОРУМ на интернет весникот ЦивилМедиа.
Д. Т.