Израел во среда изврши серија силни напади врз сирискиот главен град Дамаск, ескалирајќи ја кампањата за која вели дека е во поддршка на друзското население во земјата – арапска малцинска група вклучена во смртоносни судири со сириските владини сили, објави Си-Ен-Ен.
Нападите, за кои Сирија соопшти дека загинале најмалку три лица во нејзиниот главен град, ги натераа американските претставници да се обидат да спречат поголем судир меѓу соседните земји, при што Сирија се согласи да ги повлече своите трупи од јужниот град Сувајда и нов договор за прекин на огнот со друзската милиција во областа.
Во телевизиско обраќање до нацијата рано во четврток, сирискиот претседател Ахмед ал-Шара рече дека нацијата се соочува со две опции: или „отворена војна“ со Израел „на цена на нашите граѓани друзи“ или да им дозволи на друзските свештеници „да се вратат на разумот и да го дадат приоритет на националниот интерес“, пишува Си-Ен-Ен.
„Не се плашиме од војна, нашата историја е исполнета со битки за одбрана на нашиот народ, но го избравме патот што ја става благосостојбата на Сиријците над хаосот и уништувањето“, рече ал-Шара.
Израел ги засили нападите врз Сирија и покрај притисокот од САД, кои презедоа чекори за да ја прекинат меѓународната изолација на земјата откако бунтовниците ја презедоа власта по падот на режимот на Асад кон крајот на минатата година.
Воздушните напади врз Дамаск во среда беа насочени кон неколку владини згради во сирискиот главен град. Едно видео од сириски телевизиски канал покажа како зградата на Министерството за одбрана е погодена во живо во етер, принудувајќи го водителот да се засолни.
Д. Т.