Граѓаните на Скопје сè помалку се чувствуваат безбедни додека патуваат со автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). На ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ објавено на Фејсбук-страницата на ЦИВИЛ: „Дали се чувствувате безбедно во автобусите на ЈСП?“, добивме бројни коментари, меѓу кои доминираат гнев, разочараност и чувство на целосна небезбедност.
„Овие автобуси се за во отпад, старо железо!“ – е став што се повторува во повеќе варијации.
Коментарите се искрени, директни и често емотивни. Еден корисник се присетува на минатото:
„Се сеќавате кога одевме на школо, факултет, работа… Какви автобуси беа тогаш, а какво е Скопје сега? Мизерен градски превоз, вакво нешто нема ни во најсиромашните држави.“
Во коментарите се изнесуваат и конкретни случаи што укажуваат на сериозни безбедносни пропусти:
„Пред два дена се запали автобус на Првомајска“ и „Возеше со дефект до Ајватовци, течеше нешто од него“, се вели во коментарите.
Некои одговори упатуваат и на можна саботажа:
„Се сомневаме дека некој намерно ги расипува – можеби ќе биде подобро кога ќе дојде нов директор и нов градоначалник“, се вели во еден коментар.
Дел од граѓаните изразуваат и скепса околу тоа дали автобусите воопшто поминуваат технички прегледи:
„Кој знае дали ги носат на технички?“ – се прашува еден од нашите читатели.
Иако има и неколку коментари со ДА, повеќето одговари се НЕ или НИКАКО. Дури и оние кои мораат да се возат, велат дека е најдобро да не се вози човек, но и дека им е потребен превозот.
„Да не се возиш – ама понекогаш мора“, се вели во еден коментар.
Реалноста што боли
ЈСП одамна не ја ужива довербата на скопјани, но овој бран на коментари повторно ја отвора темата за потребата од итна реформа во јавниот превоз. Безбедноста на патниците мора да биде приоритет, особено во време кога јавниот превоз треба да биде достапна, ефикасна и безбедна алтернатива на автомобилскиот хаос во Скопје.
Ова прашање ги тревожи жителите на главниот град секојдневно. ЦИВИЛ ќе остане на располагање, заедно со граѓанките и граѓаните, да го адресира овој голем проблем.
A. M.