Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Универзитетот Кејо во Токио, каде што ѝ беше доделена почесна докторска титула, предупреди дека неодамнешните политички конвулзии трајно го преобликуваат воспоставениот светски поредок.
„Едноставно не можеме да прифатиме да бидеме потресени од сеизмичката промена со која се соочуваме или повторно да паднеме во заблудата дека бурата ќе помине, дека работите ќе се вратат на претходно само ако заврши војната во еден регион, или се склучи договор за царини, или изборите се одвиваат на еден или друг начин следниот пат“, рече шефицата на Комисијата. „Бидејќи геополитичките струи се едноставно премногу силни. А самите темели на нашата безбедност и просперитет се едноставно премногу несигурни“.
„Почетната точка тука е да се соочиме со светот каков што навистина е – а не каков што можеби го паметиме од минатите генерации“, додаде таа. „Јас сум на став дека периодот во кој се наоѓаме сега – и начинот на кој се справуваме со него – ќе го дефинира остатокот од овој век.“
Забелешките на фон дер Лајен го истакнаа степенот до кој трансакцискиот пристап на Трамп кон глобалната дипломатија, во комбинација со заканувачкото присуство на Путин на источната граница на Европа, го потресоа политичкиот естаблишмент и ја принудија Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.
„Европа се зацврстува. Во последните недели и месеци, дадовме предлози за инвестирање во сопствената одбрана на нивоа што би биле незамисливи дури и пред една или две години“, рече таа. „Предложивме план со соодветни инвестиции за да ја ставиме индустријата и иновациите, технологијата и науката во срцето на нашата економија.“
На фон дер Лајен во Токио ѝ се придружија претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и највисоката дипломатка на ЕУ, Каја Калас, на самитот ЕУ-Јапонија, објави Политико.