Google на 21 јули откри дека отстранил речиси 11.000 YouTube канали и сметки поврзани со пропагандни кампањи поддржани од државата од Кина, Русија и други земји во вториот квартал од 2025 година, според објавата на 22 јули, пренесува UNITED24.
Google отстрани повеќе од 2.000 канали поврзани со Русија. Овие кампањи поддржани од Русија опфаќаа повеќе јазици и имаа за цел да ја поддржат Русија, а воедно да ги напаѓаат Украина, НАТО и Западот.
Оваа содржина имаше за цел да промовира проруски наративи, особено насочени кон суверенитетот на Украина и нејзините сојузи со западните земји.
Како дел од ова пошироко отстранување, Google, исто така, отстрани 20 YouTube канали, четири Ads сметки и блог на Blogger поврзан со RT, рускиот медиум контролиран од државата.
RT беше обвинет дека им плаќал на истакнати конзервативни влијателни лица, вклучувајќи ги Тим Пул, Дејв Рубин и Бени Џонсон, за да продуцираат содржина за Tenent Media, компанија со седиште во Тенеси која беше вклучена во ширење дезинформации пред изборите во САД во 2024 година.
Над 7.700 беа поврзани и со Кина. Овие кампањи претежно споделуваа содржина и на кинески и на англиски јазик што ја промовираше Народна Република Кина, го поддржуваше претседателот Си Џинпинг и дискутираше за надворешната политика на САД, тврди CNBC.
Целната дезинформација, исто така, опфаќаше теми за глобалното управување, со посебен фокус на САД, честопати прикажувајќи ја Кина во поволна светлина, додека ги критикуваше западните политики.
Активното отстранување на овие сметки е дел од работата на Групата за анализа на закани на Google за борба против глобалните кампањи за дезинформации, кои вклучуваат координирани операции на влијание спроведени од странски актери.
Покрај Кина и Русија, кампањите за влијание поврзани со Азербејџан, Иран, Турција, Израел, Романија и Гана беа исто така идентификувани и отстранети во овој извештај. Некои од овие кампањи се фокусираа на политичките ривали и геополитичките конфликти, вклучително и наративите околу израелско-палестинската војна.
„Наодите од најновото ажурирање се во согласност со нашите очекувања за оваа редовна и тековна работа“, коментираше портпарол на YouTube
Порано оваа година, во првиот квартал, Google отстрани над 23.000 сметки поврзани со такви активности на дезинформации, објавува CNBC.
Во меѓувреме, „Мета“, матичната компанија на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, објави дека отстранила околу 10 милиони профили во првата половина од 2025 година поради лажно претставување како големи производители на содржини, во обид да се бори против „спам-содржина“.
Претходно, беше наведено дека европските агенции за спроведување на законот откриле и демонтирале проруска хакерска мрежа одговорна за напад на критична инфраструктура на ЕУ.
Д. Мишев